Европската комисија денес го одобри вториот пакет секторски предлози, со кои се заокружува структурата за претстојниот повеќегодишен буџет на ЕУ за периодот од 2028 до 2034 година.
Со сегашниот предлог за Програмата за единствениот пазар и царините се алоцираат 6,2 милијарди евра, а за програмите поврзани со правдата – 800 милиони евра. За истражувања и обука во склоп на Евроатом се наменети 6,7 милијарди евра, за Инструментот за соработка во нуклеарната безбедност – речиси милијарда евра, додека за поддршка на 13-те прекуокеански територии на ЕУ, вклучувајќи го и Гренланд – се предвидени речиси една милијарда евра. За Програмата „Перикле 5“, која е посветена на спречување и борба против фалсификувањето на еврото, се одвоени седум милиони евра.
Преку овие предлози, Комисијата ја заокружува предложената финансиска рамка на ЕУ за периодот од 2028 до 2034 година, чиј вкупен износ достигнува приближно 2,000 милијарди евра, што претставува 1,26 проценти од просечниот бруто национален приход на ЕУ за наведениот период.
Буџетската структура се фокусира на остварување на приоритетите на ЕУ, како што се конкурентноста, одбраната, безбедноста, декарбонизацијата, проширувањето, одржливоста и економската, социјалната и територијалната кохезија.
Предлогот исто така вклучува зголемена флексибилност, со што ЕУ добива способност да делува и да реагира брзо во непредвидени околности или при појава на нови политички приоритети. Исто така, предвидени се поедноставени и хармонизирани финансиски програми, кои ќе им овозможат на граѓаните и компаниите полесен пристап до финансирање.
Со буџетот се обезбедуваат и средства за локалните потреби, за националните и регионалните планови за инвестиции и реформи, како и пофлексибилна поддршка за економска, социјална и територијална кохезија. Дополнително, се поттикнуваат конкурентноста, иновациите и развојот на чиста и паметна технологија.
Според предложениот документ, предвидени се сопствени извори за приходи за остварување на приоритетите, со што се намалува притисокот врз националните јавни финансии на земјите членки.
По официјалната презентација на идната Повеќегодишна буџетска рамка на Унијата, сега треба да започне дискусија помеѓу земјите членки во рамките на Советот на ЕУ, како следна етапа од процесот за нејзино одобрување.
Целиот процес на одобрување се очекува да заврши до втората половина на 2027 година.