Европската комисија објави дека повеќе нема да дозволи пристап на лобисти од кинескиот технолошки гигант „Хуавеј“, додека во Белгија е во тек истрага за наводно недозволено влијание на компанијата врз Европскиот парламент.
“Јасно ставивме до знаење дека претставници на ‘Хуавеј’ повеќе немаат пристап до службеници на Комисијата. Не можат да влезат во зградата,” изјави денеска портпарол на Комисијата во Брисел, пренесува ДПА.
За асоцијации и организации кои се поврзани со „Хуавеј“ ќе се користи посебен пристап, односно нема целосна забрана, туку секоја средба ќе биде оценета одделно. “Ако постои и најмал сомнеж дека некоја точка од агендата оди во погрешна насока, состанокот се прекинува. Толку е едноставно,” додаде портпаролот.
Тој потенцираше дека службениците на Европската комисија имаат доволен капацитет да проценат дали некоја средба со одредено лобистичко тело е поврзана со интересите на „Хуавеј“.
Во веројатен нов корупциски скандал во Европскиот парламент, белгиското обвинителство покрена обвиненија против осум лица за корупција, перење пари и учество во криминална организација. Во март беа претресени неколку канцеларии во ЕП. Истрагата е поврзана со наводи дека „Хуавеј“ се обидувал да влијае врз одлуките на Европскиот парламент.
Кинеските технолошки компании, вклучувајќи го и „Хуавеј“, со години се критикувани поради стравувања дека Пекинг би можел да добие пристап до телекомуникациската инфраструктура на Западот.