Почетна СветЕкипите на Комунална хигиена Скопје со неколку акции за чистење на диви депонии за време на викендот

Екипите на Комунална хигиена Скопје со неколку акции за чистење на диви депонии за време на викендот

од nenad
2 минути читај за

Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстранија обемна дива депонија лоцирана во населбата Трнодол, во скопската општина Карпош. Подигнати се и транспортирани 12 кубни метри претежно мешан комунален и кабаст отпад.

Воедно, во текот на минатата седмица, Еко-патролата на Претпријатието изготви вкупно 28 едукативно-информативни записници за непрописно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини во централното градско подрачје – во близина на Домот на градежниците, во Старата скопска чаршија, како и во реонот зад Капитол Мол во општината Аеродром.

Во текот на вчерашниот ден, ЈП Комунална хигиена-Скопје отстрани неколку диви депонии лоцирани на улиците Вуковарска, Серава и Славеј планина – во близина на скопското Теќе.

„Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 30 кубни метри  кабаст и мешан комунален отпад од диви депонии во скопската општина Чаир. Станува збор за локации каде што континуирано непрописно се одлага отпад на јавни и сообраќајни површини.

Апелираме до граѓаните својот комунален отпад да го одлагаат исклучиво во наменски поставените садови, а воедно Претпријатието им ја нуди можноста без плаќање паричен надоместок да ги одложат стариот неупотреблив мебел и електричните апарати во центрите за селекција лоцирани во Карпош и во Вардариште.“ – изјави директорката на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Косана Николиќ Мазнева.

За време на изминатиот викенд, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа градежен и мешан комунален отпад од неколку диви депонии лоцирани во строгиот центар на градот – зад Т-Мобиле, како и на булеварот АСНОМ и улиците Бојмија и Февруарски поход во скопската општина Аеродром.

По барање на МВР-Скопје, по сообраќајната несреќа што во текот на викендот се случи на булеварот Илинден, екипите на Претпријатието интервенираа со расчистување на теренот и посипување на песок, со цел да се овозможат услови за непречено минување на пешаците и возилата.

Во текот на вчерашниот ден, беа опожарени два пластични контејнера со зафатнина од 3,2 м3 лоцирани на улицата Букурешка, во скопската општина Карпош. Опожарените контејнери се неупотребливи и истите во најкус можен рок ќе бидат заменети со нови садови.