Европската комисија денеска исплати 7,9 милијарди евра на Украина за покривање на финансиските потреби на државата и обезбедување на функционирањето на државната администрација. Тоа е најголемата единечна исплата во рамките на европскиот механизам за поддршка на Украина (Ukraine Facility).
„Украина продолжува да спроведува реформи, бранејќи се себеси секој ден. Обезбедуваме речиси 8 милијарди евра – најголемата исплата досега. Ова јасно покажува дека вистинскиот напредок во реформите носи конкретни резултати и придобивки“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Тоа е деветтата исплата во рамките на механизмот, што ја поддржува закрепнување, реформите и европската интеграција на Украина. Со новата транша, вкупната поддршка во рамките на Планот за Украина достигнува 40 милијарди евра, вклучувајќи ги надворешните придонеси од земјите-членки и партнерите, како и средствата од Заемот за поддршка на Украина.
Од средствата исплатени денеска, 5,1 милијарди евра се во рамките на Заемот за поддршка на Украина, со што вкупниот износ исплатени во рамките на тој заем изнесува над 5,9 милијарди евра.
Извор: МИА