Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, преку својот Фејсбук профил извести за блокирање на 173 нови неовластени организатори на онлајн коцкање.
“Апелирам до досегашните играчи, во најбрз можен рок да ги повлечат сите депонирани средства и да не се подведуваат на лажните и манипулативни е-маил пораки кои ги наведуваат да ги користат овие нелегални страници на несигурен и небезбеден начин.”
Андоновски натаму порача: “Никој не може да нè заштити ако не се заштитиме сами!”
Министерството за дигитална трансформација за МИА објасни дека станува збор за нова наредба добиена од Државната лотарија во врска со илегални организатори на онлајн игри на среќа, која е испратена до АЕК за понатамошно дејствување преку телекомуникациските оператори.
Според Министерството, ова е втора ваква наредба која опфаќа 173 веб-страници кои организираат нелегални онлајн игри на среќа. Првата наредба, како што информираат, била издадена веднаш по усвојувањето на законските измени, кога биле блокирани 53 неовластени онлајн организатори на игри на среќа.
“Ние како Министерство постојано апелираме до граѓаните кои што имаат финансиски средства на овие страници, навремено да ги повлечат од истите и да не се подведуваат на ваквите лажни и манипулативни провајдери, бидејќи истите важат и за небезбедни, а безбедноста на интернет зависи и од самите корисници”, изјавија од Министерството за МИА.
Министерството потенцира дека и во иднина ќе продолжи да постапува на ист начин во вакви случаи, со цел да се спречат нелегални активности во интернет просторот и да се заштитат граѓаните од злоупотреба на нивните лични податоци.