Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, ги нарече обвинувањата за негово апсење кои доаѓаат од Федерацијата Босна и Херцеговина „глупости„ и нагласи дека јавноста нема нема потреба да се вознемирува и дека Србите „не треба да се грижат бидејќи тој знае што прави“.
„Совршено знам што правам, а што прават тие е друга работа. Ако ги пуштиме сега и паднеме, тогаш никогаш нема да се опоравиме како Република Српска. Знам што правам и тоа е моја одговорност“, им рече Додик на новинарите во Билеќа. Тој изјави дека е достапен за секого, но не и за нелегалното Обвинителство на БиХ, кое е политички мотивирано и сака да направи скандал.
„Нема потреба од никакво малтретирање, ако прекршам некои закони согласно Уставот, подготвен сум да одговарам, но бидејќи не ги кршам, тогаш не сум подготвен да прифатам Обвинителството, кое го нема во Уставот, да постапува по нормите што ги измислил Кристијан Шмит“, изјави Додик. Тој повтори дека ова е политички процес бидејќи Шмит го започнал со политичка одлука. Политичката одлука на судот, вели Додик, го предизвикала процесот што се одвива и тие сега би сакале да го ангажираат ЕУФОР. „Република Српска е стабилна, мирна. Има некои кои веруваат дека јавноста треба да биде вознемирена, но нема потреба да се алармира јавноста“, заклучил Додик.