Српската пејачка Марија Шерифовиќ ќе одржи концерт во скопската арена „Борис Трајковски“ на 2 ноември, во рамки на нејзината концертна турнеја „Долази љубав“.
„Поминаа шест години од мојот последен концерт во Скопје, во салата ‘Борис Трајковски’. Јас се сеќавам на тој концерт од 2018 година, мене толку не ми се пееше таа ноќ, толку бев нервозна. Едноставно, таков ми беше денот. Ако ме прашате: ‘Што може да очекува публиката во Скопје?’, навистина не знам што да ви одговорам. Како да знам? Многу фактори влијаат на тоа.
Но, кога ќе излезам на сцената и кога ќе ги чујам сите тие луѓе и кога ќе ја почувствувам љубовта што ми ја праќаат, тогаш сфаќам дека немам право да ми биде лошо. Се сеќавам на тој концерт дека навистина беше посебен и дека целата сала пееше на сиот глас. Се радувам на претстојниот концерт и нека биде еднакво добар како и претходниот“, изјави Шерифовиќ на почетокот од прес-конференцијата.
„Јас доаѓам во Скопје со мојот бенд, како и со целата продукциска екипа, за да им ги поправам душите, да им го излечам срцето и да им подарам најдобар концерт на оние кои ќе дојдат во салата Борис Трајковски“, додаде таа.
На денешната прес-конференција, таа проговори и за односот со својата публика на концертите.
Поврзани објави
„Контактот со публиката е најважен. Јас си ја сакам својата публика од партерот, сакам таа да ми е близу. Не ги омаловажувам оние кои купуваат билети во ВИП делот, ти си го сакаат својот луксуз, моите најголеми обожаватели се секогаш во партерот. Јас сум дел од музичката сцена веќе 20 години на овој чуден Балкан и секогаш се трудам од секој свој концерт да запамтам барем една насмевка, барем еден лик, барем една приказна“, раскажа пејачката.
Што се однесува до гостите на концертот во Скопје, пејачката рече дека сè уште не се знае дали некој ќе настапи со неа на сцената во „Борис Трајковски“.
„Сите мои колеги, кои јас би ги поканила, се работливи луѓе. Не сакам да поканам кого било. Сè уште работиме на тоа да договориме некој гостин, па ќе видиме“, одговори таа.
Фото: Пиар фотографии