Д-р Игор Кузмановски е поставен за нов раководител на Клиниката за неврологија, додека д-р Даница Петкоска Спирова е назначена за нов директор на Клиниката за кардиологија, потврдија од Министерството за здравство за МИА.
“Министерот за здравство, Азир Алиу за нов директор на Клиника за неврологија го именуваше д-р Игор Кузмановски, а на Клиниката за кардиологија за нов директор е именувана д-р Даница Петкоска Спирова.”
Од Министерството исто така наведуваат дека новоименуваните раководители ја преземаат должноста почнувајќи од 7 август 2025 година (четврток). Во моментов, нема информации дали се планираат промени на чело на други клиники.
Д-р Кузмановски доаѓа на местото на д-р Фатмир Меџити, а д-р Петкоска – Спирова го заменува примариус д-р Беким Поцеста. Кузмановски е роден во Скопје во 1972 година и работи на Клиниката за неврологија од 1996 година. Дипломирал на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје со просечен успех 9,12, а специјалистичкиот испит по неврологија го завршил во 2002 година. Докторирал во 2016 година и моментално е професор на Медицинскиот факултет во Скопје.
Петкоска Спирова, познат субспецијалист кардиолог, дипломирала на Медицинскиот факултет во Скопје во 2007 година, а докторирала во областа на инвазивните техники за третман на каротидна артериска болест.
Од 2011 година е дел од тимот на Клиниката за кардиологија, каде што ги имплементира своите софистицирани дијагностички и терапевтски вештини, стекнати и за време на престои во реномирани светски кардиолошки центри.
Има објавено голем број научни трудови во списанија со висок импакт фактор и е учесник во интернационални научни студии од областа на кардиологијата.