Во текот на изминатите осум месеци, забележано е затворање на десеттина конфекции, според проценките на Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи. Тој истакна дека сите овие затворања се концентрирани во источниот дел на земјава, а главната причина е намалувањето на нарачките од странските соработници.
“Јас немам точен податок, но од она што ми го кажуваат колегите, на околу десеттина конфекции им е ставено клуч на врата.”
Димитров во својата изјава за МИА додаде дека речиси сите конфекции кои се наоѓаат во источниот регион, или ги затвораат своите врати, или го редуцираат бројот на вработени, посебно поради пензионирањето на повозрасните работници. Според него, немаат интенција да ангажираат нов кадар и да го одржат работењето на претходното ниво.
Тој нагласи дека текстилната индустрија во претходните години помина низ три кризи, што резултираше со намалени нарачки од традиционалните германски партнери. Димитров објасни дека во моментов, македонските текстилни компании работат на помали нарачки, бидејќи конфекциите од Бангладеш не ги прифаќаат истите. Во овој сектор, моментално се ангажирани околу 25 000 работници.
“Од 2010 па наваму производството на облека се наоѓа во постојано опаѓање на бројот работниците, а со тоа опаѓа и бројот на работници и извозот. После корона кризата тоа опаѓање се засили, особено дојде до израз со проблемите што ги има германската економија, како наш најголем партнер. Почетокот на војната во Украина и енергетската криза, тоа предизвика пад на побарувачката на текстилни производи во Германија, што директно влијеше на работењето на нашите конфекции,” изјави Димитров.
Во изјава за МИА, Димитров спомена дека седниците на Економско-социјалниот совет моментално се во мирување, а последната седница се одржа во август. Тој очекува да продолжат по изборите, на кои ќе ги презентираат своите барања како работодавачи.