Јован Деспотовски, долгогодишен партиски функционер и член на СДСМ, денеска се огласи по објавата на неговата партија дека бара негово исфрлање. Тој јавно изрази разочарување од одлуките на сегашното раководство, констатирајќи дека не очекувал од својата матична партија да го остави целосно без можност за збор и реакција.
“Искрено, после 30 години политички ангажман, најмалку очекував токму мојата матична партија да ме остави целосно без зборови и коментар.”
Деспотовски нагласи дека во сите свои јавни настапи бил максимално воздржан, дури и во ситуации кога се однесувал на личности или околности кои апсолутно заслужувале цврст став.
“Ако таа умереност сега претставува закана за актуелниот партиски врв, тогаш СДСМ има многу поголем проблем одколку што претпоставуваме,” истакна тој во својата реакција.
Испраќајќи порака и до актуелниот претседател Венко Филипче, Деспотовски потенцира дека партијата имала и ќе има позначајни личности од него.
“СДСМ имала и ќе има многу поголеми личности од актуелниот претседател. И, никој од нив никогаш не се ставил над партијата, над нашето семејство. Тоа не е СДСМ, ниту некогаш ќе биде.”
“Една лична порака за крај или за почеток – Венко, со една одлука не можеш, ниту ќе дозволам да избришеш 30 години работа, љубов и жртва,” нагласи Деспотовски.