Купечкиот сладолед не е единствениот десерт во којшто можете да уживате за време на жешките летни денови
Сладоледот од банана и јогурт е освежителен и здрав десерт, што можете да го направите и дома.
Бананите често се користат за приготвување здрав сладолед, а кога ќе се додаде и јогурт, сладоледот станува уште повкусен и нутритивно побогат. Задолжително користете многу зрели банани и по можност, грчки тип на јогурт, за да приготвите вкусен сладолед или „замрзнат јогурт“.
Постојат два начина на приготвување на овој сладолед. Можете да користите свежи банани и да ги изблендирате сите состојки, па да ги оставите во замрзнувач два часа пред послужување. Наместо свежи банани, во овој рецепт можете да користите и замрзнати банани (исечкани на крукчиња) и да го послужите сладоледот веднаш по матењето.
Ако одбегнувате млечни производи, како алтернатива за обичен јогурт, можете да користите соин или кокосов јогурт. Можете да употребите и јогурт со вкус, но овие видови јогурт најчесто содржат додадени шеќери и разни адитиви.
Здрав сладолед од јогурт, банани и мед
Поврзани објави
Овој едноставен рецепт за домашен сладолед од банани и јогурт можете да го јадете како десерт, но и како појадок.
Состојки:
- 3 големи замрзнати банани (исечкани на крукчиња)
- 60 г грчки јогурт
- 1 лажиче екстракт од ванила
- 2 супени лажици мед
Приготвување:
Ставете ги сите состојки во блендер и матете додека добиете хомогена конзистенција, како на сладолед (2-3 минути). Ако бананите тешко се блендираат, исклучете го блендерот и поместете ги со лажица или виљушка. Послужете веднаш.