Според соопштението на ОЈО Велес, од ударот, мајката паднала на земја и се здобила со тешка телесна повреда, додека девојчето на возраст од 11 години било исфрлено значително нанапред, во близина на следниот пешачки премин кај училиштето „Васил Главинов“ и од здобиените повреди починало. Возачот кој ја предизвикал сообраќајната несреќа не запрел, туку со голема брзина избегал од местото на настанот, соопштуваат од ОЈО Велес.
Во дневниот билтен денеска Министерството за внатрешни работи информира дека синоќа во СВР Велес било пријавено дека на улицата „Борис Трајковски“ патничко возило „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки, управувано од А.Н.(29) од Велес, удрило во пешаците Е.И.(43) и нејзината малолетна ќерка, по што го напуштило местото. Во несреќата, малолетничката починала на местото, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош.