Почетна ЕкономијаДевет фирми поканети да достават финансиска понуда за автопатот Букојчани – Кичево

Девет фирми поканети да достават финансиска понуда за автопатот Букојчани – Кичево

од nenad
2 минути читај за

Девет компании се вклучени во постапката за селекција на изведувач за изградба на автопатот Букојчани – Кичево на Коридорот 8, во должина од 11,5 километри, по завршувањето на претквалификациската фаза според тендерот на Јавното претпријатие за државни патишта.

Кандидатите кои ги исполнија условите денес добија покана да достават финансиски понуди до 30 септември годинава.

ЈПДП објавува дека со финансии обезбедени преку заем од Европската банка за обнова и развој, наскоро ќе започне изградбата на автопатската делница од Букојчани до Кичево.

“Со цел да се изврши избор на најподобен Изведувач за изградба на автопатската делница беше објавен тендер за претквалификација согласно со процедурите за набавки на ЕБОР. Процесот на претквалификација заврши и претквалификувани се девет фирми, кои добија покана за поднесување на понуди, со краен рок за доставување на понудите до 30,09.2025 година, по што ќе следи детална евалуација на доставените понуди и избор на најподобен Изведувач на градежните работи за изградба на автопатската делница,” информираат од ЈПДП.

Според ЈПДП, реализацијата на автопатската делница Букојчани-Кичево, како дел од Европскиот патен коридор 8 на ниво на автопат, ќе ја унапреди мобилноста и трговијата, безбедноста на патиштата, ќе го намали времето на патување и ќе ги зголеми можностите за економски развој.

Постојната делница на државниот пат А2 од Гостивар до Кичево е проектирана пред повеќе од 50 години и е изградена како единечен коловоз со две сообраќајни ленти во двата правци, а на одредени места на планинските премини има и трета лента за бавни возила.

Поради зголемениот обем на сообраќај и несоодветните динамички услови, неизбежно е надградување на оваа делница на ниво на модерно автопатско решение, кое ќе овозможи брз, безбеден и непречен меѓународен и домашен превоз на патници и стоки.

Според претходните најави на надлежните институции, вкупните планирани трошоци за автопатската делница изнесуваат 132,7 милиони евра, од кои 110 милиони евра се обезбедени преку заем од ЕБОР, а 19,8 милиони евра се инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Во согласност со повикот за претквалификација објавен на 4 февруари годинава, новата автопатска делница ќе има двоен коловоз со по две сообраќајни ленти од 3,5 метри, со проектирана брзина на движење од 100 километри на час.

Работите исто така опфаќаат изградба на клучки, мостови, пропусти, тунел, канали за одвод, олуци, берми и потпорни ѕидови.

Оваа делница е продолжение на трасата Гостивар – Букојчани, со должина од 30,1 километри, која е дел од пакетот автопатски делници што ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, а на терен веќе има активности.

ЈПДП информира дека има засилена градежна активност и на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, исто така на Коридорот 8, со што ќе се овозможи целосно автопатско поврзување од главниот град Скопје до туристичкиот центар Охрид.

лв/вј/фото: МИА архива
Извор: МИА