Министрите за финансии од земјите на Г7 разговараа за потенцијално воведување на санкции и трговски мерки, како што се тарифи, кон државите за кои веруваат дека ја “овозможуваат” војната на Русија во Украина, објави канадското Министерство за финансии.
За време на состанокот во Отава, министрите се согласија да ги интензивираат дискусиите за употреба на конфискуваните руски средства за финансирање на украинската одбрана и разговараа за “широк спектар на можни економски мерки за зголемување на притисокот врз Русија, вклучувајќи дополнителни санкции и трговски мерки – на пример, царини – за оние кои ги овозможуваат воените напори на Русија”, се вели во соопштението.
Американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, и трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир, пред останатите министри за финансии истакнаа дека треба да им се придружат на САД во наметнување давачки на државите кои купуваат нафта од Русија. “Само со обединети напори, кои ќе ги прекинат приходите што ја финансираат воената машина на Путин, ќе можеме да извршиме доволен економски притисок за да се стави крај на бесмислените убиства”, изјавија Бесент и Грир.
Бесент и Грир ги поздравија обврските преземени за време на разговорот за интензивирање на притисокот од санкциите и испитување на можноста за употреба на запленетите руски имоти во корист на одбраната на Украина. Претходно во текот на денот, претставник од Министерството за финансии на САД ги повика сојузниците од Г7 и Европската Унија да воведат “значајни царини” на производите од Кина и Индија со цел да ги принудат да престанат да купуваат руска нафта.
Американскиот претседател Доналд Трамп воведе дополнителни 25 отсто тарифи на увозот од Индија за да изврши притисок врз Њу Делхи да запре со купување на руската сурова нафта по намалена цена, зголемувајќи ги вкупните казнени давачки за индиските производи на 50 проценти и ги затегна трговските преговори помеѓу двете држави. Сепак, Трамп се воздржа од ставање на дополнителни тарифи на кинескиот увоз поради тоа што Пекинг купува руска нафта, бидејќи неговата администрација се придржува до деликатното трговско примирје со Пекинг.
јт/Фото: ЕПА архива .
Извор: МИА