Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, оствари средба со писателот Гоце Ристовски, кој е роден во Крива Паланка, по неговото враќање од Истанбул, каде му беше врачена Меѓународна награда за драмски писател за 2022/23 година.
Митовски му честиташе на Ристовски за високото и угледно меѓународно признание и му посака успех во неговата понатамошна работа во земјава и странство.
-Крива Паланака давала, дава и ќе дава поединци како Гоце Ристовски, кои со својата дејност постигнале значајни резултати, уважени и признаени во светот, од разни области на науката и уметноста и кривопаланчани имаа за што да се гордеат. Нивната афирмација е афирмација и на општината, на нејзините природни убавини, културно-исторски вредности, богатата традиција и општествено-економскиот, научниот и културен развој. Како градоначалник ќе се трудам да ги продлабочувам врските со успешните кривопаланчани и да оствариме соработка каде тоа е можно за добробит на Крива Паланка и нејзините жители, оти таквите творци и научници, како нашиот денешен славеник, истакнатиот писател, новинар, преведувач и универзитетски професор Гоце Ристовски се наши амбасадори на домашен и меѓународен план. Уверен сум дека соработката со нашиот Гоце Ристовски ќе продолжи во областа на културата, особено во натамошниот растеж и развој на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, рече Митовски.
Ристовски се заблагодри на честитките и му посака успешна работа на градоначалникот и во иднина во сите сфери на животот во општината и посебно во областа на културата.
-Културата остварува ефективна соработка меѓу луѓето и народите без разлика на нивните различности. Ги велича човечките доблести и вредности на најдобар начин. Времињата се паметат по културните достигнувања, рече Ристовски.
Гоце Ристовски на градоначалникот Митовски му подари примероци од објавената драма „9“ во Турција на турски јазик и турски списанија во кои се публикувани написи за објавувањето на неговата книга и добивањето на наградата во Турција, што, како што посочи Митовски, ќе најдат свое значајно место во градската библиотека и Градскиот музеј во Крива Паланка.
Наградата за високи уметнички вредности и придонес за развој на театарската уметност за периодот 2022/23 на Ристовски му беше врачена на 24 април, на свечена церемонија по повод осмите Меѓународни театарски награди на сцената Тамер Левент на театарот „Маск-Кара“.
Гоце Ристовски е публицист, драмски критичар, есеист и уметнички директор на Меѓународниот театарски фестивал „Св.Јоаким Осоговски” што втора деценија по ред ја гради театарската култура во Крива Паланка. ид/хс/
Крива Паланка, 30 април 2023 (МИА)