Портпарол на германската војска соопшти дека тим од 15 германски воени разузнавачи, кој неодамна беше упатен на Гренланд, денеска го напушти арктичкиот остров и тргна кон Копенхаген.
Првично беше соопштено дека екипата на Бундесверот ќе престои подолг период на Гренланд.
„Останува неизвесно дали Германија ги повлекува своите сили под влијание на најавените рестриктивни тарифи од страна на американскиот претседател Доналд Трамп за земјите кои се спротивставуваат на неговата цврста политика кон Гренланд, или пак постојат други причини за нивното повлекување“, објави германскиот дневен весник Билд.
Германските воени претставници на Гренланд пристигнаа пред два дена, во рамките на извидничка мисија на членките на НАТО, на покана од Данска.
Основната цел на мисијата беше спроведување на воени вежби, како и истражување на дополнителни можности за одржување обуки и распоредување на трупи.
Операцијата беше иницирана по неуспешниот состанок помеѓу министрите за надворешни работи на Данска, Гренланд и САД, одржан во Вашингтон.