Германија денес доби нова влада предводена од канцеларот Фридрих Мерц, откако претседателот Франк-Валтер Штајнмајер ги назначи 17-те министри на државата, пренесе ДПА.
Штајнмајер им ги врачи указите за назначување на министрите во палатата Белви, неговата официјална резиденција.
Новата администрација, коалиција меѓу Христијанските демократи (ЦДУ) на Мерц, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) и левоцентристичките Социјалдемократи (СПД), ја презеде власта точно шест месеци откако владата на претходниот канцелар Олаф Шолц се распадна, предизвикувајќи вонредни избори во февруари.
Сепак, стартот на владата на Мерц е турбулентен, бидејќи на 69-годишниот канцелар му беше потребен втор круг гласање во парламентот за да обезбеди мнозинство и да биде избран за канцелар.
Историскиот пораз во првиот круг дојде и покрај фактот што коалицијата на Мерц има 328 места во Бундестагот со 630 места, значително надминувајќи го прагот за мнозинство.
По назначувањето на новиот кабинет, Штајнмајер му се обрати на Мерц: „Почитуван господине канцелару, во демократијата некои денови поминуваат со малку повеќе турбуленции отколку што јавноста очекува, па, со мало задоцнување, би сакал уште еднаш од срце да ви честитам за вашиот избор“.
Тој, исто така, им честиташе на новите министри, потсетувајќи ги дека “заедно преземате голема одговорност за нашата земја, за граѓаните, за нашата иднина”.
Новата влада се соочува со многу предизвици, стапувајќи на должност во период на драматични геополитички промени и две последователни години рецесија за германската економија.
Кабинетот, составен од 17 министри – по седум од ЦДУ и СПД и тројца од ЦСУ – е одговорен да ја води Германија низ овој тежок период, пишува германската агенција ДПА, наведувајќи ги новите министри во владата.
Вицеканцелар и министер за финансии: Ларс Клингбајл (СПД). 47-годишниот Клингбајл ја зацврсти својата позиција како ефикасен водач на СПД по тешкиот пораз на партијата на февруарските избори, кандидирајќи се за шеф на парламентарната група на СПД.
По потекло од Долна Саксонија, син на војник, Клингбајл е познат по интересот за надворешна политика.
Иако Министерството за надворешни работи отиде во ЦДУ, тој ќе го преземе финансиското портфолио, со можност да се кандидира за канцелар на следните избори во 2029 година.
Министер за надворешни работи: Јохан Вадефул (ЦДУ). Именувањето на 62-годишниот Вадефул за министер за надворешни работи не беше изненадување, откако во април беше забележан како посетува високи дипломати низ Европа.
Образован правник и поранешен војник, тој е пратеник на ЦДУ од 2009 година и ќе биде првиот министер за надворешни работи од ЦДУ по речиси 60 години.
Како близок соработник на Мерц, се очекува Вадефул да ја координира својата политика со канцеларот.
Министер за економија: Катерина Рајхе (ЦДУ). Изборот на 51-годишната Рајхе за министер за економија беше невообичаен.
Родена во поранешна Источна Германија, таа беше пратеник од 1998 година и се залагаше за изградба на нови нуклеарни централи за да се избегне енергетска криза.
По напуштањето на парламентот во 2015 година, таа беше извршен директор на Германската асоцијација на локални комунални претпријатија, а од 2019 година работи во енергетскиот гигант E. ON.
Министер за одбрана: Борис Писториус (СПД). Единствениот министер од кабинетот на Шолц кој останува, 65-годишниот Писториус е најпопуларниот политичар во Германија откако го презеде Министерството за одбрана во 2023 година.
Поранешен градоначалник на Оснабрик и министер за внатрешни работи на Долна Саксонија, брзо ја доби довербата на војската и меѓународните партнери по руската инвазија на Украина.
Министер за внатрешни работи: Александар Добринт (ЦСУ). 54-годишниот Добринт од ЦСУ, баварската сестринска партија на ЦДУ, е познат како умешен преговарач и конзервативен агитатор.
Како министер за внатрешни работи, тој ќе има тешка задача да го исполни ветувањето на Мерц за ограничување на миграцијата.
Шеф на кабинетот на канцеларот: Торстен Фрај (ЦДУ). 51-годишниот Фрај, образован правник и пратеник од 2013 година, е избран за шеф на кабинетот на канцеларот, клучна позиција како десна рака на Мерц.
Познат по својата темелност, тој ќе биде задолжен за координација со сојузните покраини и за непречено функционирање на владата.
Министер за развој: Рим Алабали-Радован (СПД). Најмладата членка на кабинетот, 35-годишната Алабали-Радован, родена во Москва во семејство со ирачко потекло, ќе го води Министерството за развој.
Поранешен комесар за интеграција во владата на Шолц, таа е истакнат борец против расното профилирање. ссм/фото: ЕПА.
Извор: МИА