Компаниите за водоснабдување и управување со отпадни води во Велика Британија минатата година остварија приход поголем од 340 милиони фунти со испуштање милијарди литри индустриски и комерцијални отпадни води во постројките за пречистување на канализацијата, покажа истражувањето кое го пренесе „Гардијан“.
Стручњаците предупредуваат дека тие постројки не се проектирани за отстранување на повеќето хемикалии, поради што загадувачките материи доспеваат во реките, морињата и земјоделското земјиште.
Според законот, компаниите за води во Англија се должни да ги прифаќаат индустриските отпадни води и да издаваат дозволи, познати како „согласност за испуштање индустриски отпадни води“, кои им овозможуваат на претпријатијата тој отпад да го испраќаат во постројките за пречистување, иако самите компании имаат право да ги одбијат таквите барања.
Сепак, не постои независно регулаторно тело кое го надгледува овој процес, ниту централен регистар, па организацијата „Вотершед инвестигејшнс“ (Watershed Investigations), весникот „Гардијан“ и активистичката група „Ривер екшн“ (River Action) спроведоа истражување за овој проблем.
Истражувањето покажа дека во постројките за пречистување на канализацијата годишно доспеваат и до 608 милијарди литри индустриски отпадни води од локации како што се термоелектрани, фармацевтски компании, фабрики за храна, болници, кланици и постројки за третман на отпад. Самите компании за води издаваат дозволи и спроведуваат контрола на нивното почитување, додека надлежните органи за заштита на животната средина немаат никаква директна улога во тој процес.
Како што се наведува, повеќето постројки за пречистување на канализацијата поседуваат само системи за биолошки третман, кои не се предвидени за отстранување на индустриски хемикалии. Загадувачките материи кои ќе го преживеат процесот на пречистување се испуштаат во реките, езерата и морињата како „пречистена отпадна вода“, додека оние задржани во канализациската тиња се користат како ѓубриво на земјоделското земјиште.
Овој отпад исто така придонесува за преоптоварување на канализациските мрежи, што доведува до излевање на сурова канализација, а тоа предизвика гнев кај јавноста, протести на граѓаните и барања за национализација на индустријата, со цел профитот повторно да се вложува во унапредување на системот наместо да оди кај акционерите.
Компанијата „Јунајтед јутилитис“ (United Utilities) минатата година оствари најголем приход од индустриски отпад од 61,6 милиони фунти, а по неа следи „Јоркшир вотер“ (Yorkshire Water) со 48,8 милиони фунти. Истражувањето покажа дека во целиот сектор приходите од прифаќање индустриски и комерцијални отпадни води нагло пораснале во текот на последните пет години.
– Индустриското загадување не смее да стане профитабилен бизнис за водоводните компании. Загадувачите мора да сносат одговорност и да платат за тоа, наместо трошоците и последиците да ги префрлаат на други – изјави официјалната претставничка на организацијата „Ривер екшн“, Ејми Ферман.
Стручњак од оваа индустрија наведе дека водоводните компании имаат финансиски поттик да прифатат многу повеќе токсични материи отколку што би требало.
Портпаролот на британското Министерство за животна средина, храна и рурални прашања изјави дека водоводните компании никогаш не би смееле да остваруваат профит од загадување. „Знаеме дека секторот за водоснабдување и одведување на отпадни води веќе предолго не работи во јавен интерес и затоа спроведуваме реформи, вклучително и начинот на кој се одлагаат отпадните води“, наведе тој.
Извор: МИА