По средбите во Белград со специјалниот преставник за дијалог на Белград и Приштина, Мирослав Лајчак и со заменик-помошникот државен секретар и специјален пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, српскиот претседател Александар Вучиќ најави за утре обараќање до јавноста, а вечерва во интервју за Еуроњуз ги најави смерниците на Србија за средбата во Охрид во сабота, јави дописникот на МИА од Белград.
По средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, Мирослав Лајчак напиша на Твитер профил дека подготовките за средбата во Охрид се завршени и ги слушнал коментарите на Вучиќ кон Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО). Лајчак во интервју за РТС нагласи дека формирањето на ЗСО е неопходно и ако нема Заедница, нема договор. Сепак, европскиот предлог за Косово е прифатен во целина, но потребен е договор за целосна имплементација.
Средбата во Охрид на 18 март има за цел да се постигне договор за исполнување на договорот што има поддршка од Брисел што, како што нагласи Лајчак, не се памети во минатото. Вучиќ и Ескобар разговарале за процесот на нормализирање на односите со Приштина, формирањето на ЗСО и можностите за изнаоѓање компромисни и одржливи решенија во дијалогот со посредство на ЕУ. Вучиќ рече дека се подготвува за нова рунда разговори со претставниците на Косово и се надева за компромисни решенија.