Француските воздухопловни контролори наскоро ќе бидат обврзани да се регистрираат биометриски кога ќе започнат со работа, што претставува „безбедносен“ предуслов, објави денес Министерството за транспорт на државата.
Во известувањето се потенцира дека уредбата „со која се одобрува воведување на автоматизирана обработка на лични податоци под името SPS, за „Систем за верификација на присуство на лице место“ за контролори на летови“, е публикувана денес во Државниот весник на таа земја, пренесе „Фигаро“.
Имплементацијата на ваков систем беше една од препораките на Службата за истраги и анализи за безбедност во цивилното воздухопловство (BEA), по „сериозниот инцидент“ во декември 2022 година на аеродромот во Бордо, кога две летала за малку ќе се судреа, за што BEA ја посочи како виновник лошата организација на работата на контролорите.