Во Куманово е најавен масовен мирен протест пред зградата на Управата за јавни приходи (УЈП) како реакција на одлуката за ретроактивно оданочување на приходи остварени од странство од 2020 година наваму.
Илјадници граѓани, претежно жители на Куманово кои работеле во американски бази во Ирак и Авганистан, ќе се соберат напладне за да го искажат своето незадоволство затоа што добиле даночни решенија со кои УЈП им бара да платат персонален данок на доход за плати и примања што ги оствариле во странство.
Многумина од нив велат дека веќе платиле данок во државите каде што работеле, но сега од УЈП се бара да ги платат истите приходи и кај нас, за период од пет години и повеќе, со што им се закануваат и камати и можни извршители ако не платат до 15 јануари.
Протестот е насочен кон барање повлекување или ревидирање на решенијата и јасно толкување на даночните обврски, со цел да се спречат, како што организаторите велат, неправди и финансиски тешкотии за семејствата чиј финансиски опстанок е доведен во прашање.