Во Албанија, едно просечно семејство троши приближно 93,000 албански леки (963,24 евра), при што 40 проценти од семејниот фонд се одвојува само за исхрана, пренесува Еуроњуз Албанија. Ова остава минимални средства за други потреби – образование, рекреација или заштеда.
Според податоците од албанскиот државен завод за статистика ИНСТАТ, како што известуваат медиумите, потрошувачката кошница останува најзначајниот дел од финансискиот план на албанските домаќинства.
Еуроњуз Албанија пренесува дека цените на основните артикли, како леб, зејтин, млеко и зеленчук, забележале значителен пораст во текот на изминатите две години, со што расходите за храна достигнале речиси половина од месечните примања на семејствата.
Албанските граѓани во изјави за медиумите велат дека со нивните примања едвај успеваат да ги задоволат основните потреби и купуваат исклучиво есенцијални продукти. Тие ја искажуваат својата зачуденост од фактот што цените во државата се значително повисоки отколку во западните земји, наведувајќи ја цената на адаптираното млеко во Берлин (1,4 евра) и во Албанија (400 леки или 4,14 евра) како пример.
Една пензионерка вели дека се справува со сложената економска ситуација благодарение на поддршката од своите деца кои престојуваат во странство, додавајќи дека дури и за лицата со редовни плати во Албанија е предизвик да заштедат нешто на крајот од месецот.
Според анкетираните граѓани, економијата во земјата е нестабилна, а зголемувањето на платите не е во состојба да ги надомести трошоците за живот. Тие исто така потенцираат дека во одредени поголеми градови во Албанија, како Тирана, Драч и Корча, има висока потрошувачка, додека во други, како Кукс и Дибра (Дебар), луѓето имаат ниски трошоци, што укажува на скромни приходи и слаба куповна моќ.
Економскиот аналитичар Едуард Јокутај вели дека во Тирана, животните трошоци достигнуваат над 108,000 леки (околу 1,118 евра), што го прави животот во главниот град значително поскап отколку во другите делови од државата.
Според социологот Ентела Бинијаку, „големиот дел од албанскиот народ доаѓа од сиромашно минато“. Таа посочува дека предизвиците на урбаното живеење ги принудуваат луѓето да штедат финансиски средства, но високите трошоци за живот ги спречуваат семејствата да размислуваат за иднината, фокусирајќи се на секојдневните потреби.
Експертите предупредуваат дека доколку продолжи овој тренд, диспаритетот помеѓу богатите и сиромашните во албанското општество ќе се продлабочи.