Банките во земјава најавија привремени ограничувања на дел од електронските и платежните услуги во текот на викендот, поради технички активности поврзани со модернизацијата на националниот платен систем. Промените нема да бидат исти кај сите банки, па клиентите треба да ги проверат известувањата од финансиските институции во кои имаат сметки.
Од Стопанска банка Скопје соопштуваат дека денеска до 14 часот ќе може да се креираат платежни налози преку електронското банкарство. По истекот на овој рок, клиентите нема да можат да подготвуваат налози ниту за тековниот, ниту за некој иден датум. Ограничувањата ќе важат до повторното воспоставување на системот на 9 ноември.
Од банката уверуваат дека картичките нема да бидат засегнати од прекинот. Плаќањата на продажните места преку ПОС-терминали ќе функционираат нормално, а ќе бидат достапни и услугите за подигнување и уплата готовина на банкоматите.
НЛБ банка, пак, најави намалена достапност на дигиталните канали. Почнувајќи од денеска во 10 часот, интернет- и мобилното банкарство ќе функционираат со одредени ограничувања во текот на целиот викенд.
Во истиот период нема да бидат можни уплати на готовина преку банкоматите, додека подигнувањето пари ќе се одвива без прекин. Картичките ќе може да се користат за плаќање во продавници и други продажни објекти, но и за трансакции преку интернет.
Од 9 ноември стапуваат во сила нови правила во платниот промет, кои опфаќаат изменети платежни налози, нови шифри за намена на плаќањата и воведување на ИБАН-формат за платежните сметки. Од Македонската банкарска асоцијација појаснуваат дека досегашните броеви на сметките нема да се менуваат. Нивното прикажување во новиот формат ќе го извршат банките автоматски, преку електронските и мобилните банкарски системи.
Од Асоцијацијата нагласуваат дека станува збор за планирана техничка операција во рамките на поширокиот процес на осовременување на платната инфраструктура во земјата. Воедно, ги советуваат граѓаните и компаниите навреме да ги реализираат трансакциите што ги планирале за викендот и да ги следат информациите објавени од нивните банки.