Ексклузивно интервју на директорот за развој на производи и иновации во Diners Македонија за Економист – Светот во 2025-та.
Diners Македонија е компанија со повеќе од три децении искуство на пазарот и лидер во премиум платежните решенија. За тоа како измина оваа, но и какви се очекувањата од следната година, разговараме со Тони Јанковски, директор за развој на производи и иновации во Diners Македонија.
Господине Јанковски, како ја оценувате 2024 година?
2024 беше година на трансформација и раст за Diners Македонија. Дополнително е јубилејна година, во која компанијата прославува 30 години постоење на македонскиот пазар. Од гледиште на пазарот и државата, годината ја проследија динамични активности како воведување нови законски регулативи преку Законот за платежни услуги и платежни системи и продолжен раст на цените и покрај официјалната статистика која покажува стабилизација на инфлацијата.
2024 ја одбележавме со стабилност на нашиот пазарен удел и зголемена доверба од клиентите. Инвестирањето во технологија и иновации овозможи да ги унапредиме нашите услуги, додека соработката со партнерите резултираше со воведување нови функционалности и бенефиции за клиентите. Дополнително, посветеноста на тимот и фокусот на задоволството на клиентите беа клучни за нашиот успех.
На кој проект или производ реализиран во 2024 сте најмногу горди?
Во 2024 минавме период на трансформација и една од најзначајните активности беше регистрацијата под новиот Закон за платежни услуги и платежни системи под надзор на НБРМ. Оваа активност во иднина ќе резултира со нови услуги во платниот промет со кои Diners Клуб ќе биде конкурентен на национално и на регионално ниво.
Во меѓувреме, Diners преку новите партнерства на своите членови им овозможи нови продажни места за онлајн-кешбек, поголеми попусти кај постоечките партнери, пакети за помош на пат и помош дома по најдобри цени и го зголеми максималниот број на рати од 12 на 24. Новина беше и акцијата „препорачај пријател“ со која наши клиенти можат да поканат свои пријатели во Diners Клубот и да бидат наградени со износ од 3.000 денари.
Со ова, ја зајакнавме нашата позиција како иновативна компанија, а позитивниот одзив од корисниците ни покажа дека сме на вистинскиот пат.
Поврзани објави
Кои се трендовите и предизвиците што ќе ја одбележат вашата индустрија во 2025 година?
Индустријата за платежни услуги ќе биде под влијание на неколку клучни трендови во 2025, како што се зголемена дигитализација, користење вештачка интелигенција за анализа и превенција од измами, конкуренција од постоечките и нови субјекти на пазарот и побарувачка за „зелени“ платежни решенија. Главен предизвик ќе бидат усогласувањето со новите регулативи и одржувањето на сигурноста и довербата на корисниците, во услови на постојано зголемување на компетитивноста на пазарот како и зголемување на сајбер-заканите.
Кои се плановите на компанијата за 2025?
Во 2025 година, нашите планови се фокусирани на три главни столба: нови услуги и продукти, партнерства и одржливост. Продолжуваме со развој на нови производи и услуги кои ќе ги задоволат потребите на современите корисници.
Во план е воведување на нов кешбек-програм со партнери од Македонија, воведување нови продукти кои ќе бидат пласирани на картички изработени од рециклирана пластика, претплатнички модел на услуги и кредитна линија, кои ќе бидат проследени со многу бенефиции.
Еден од приоритетите ни е постојаната модернизација на мобилната апликација, која е нашата експозитура каде што клиентите можат да ги добијат сите информации и да уживаат во флексибилноста на плаќањата. Планираме и проширување на мрежата на партнери и воведување „зелени“ практики во нашите операции.
Дополнително, ќе вложиме во едукација и развој на нашиот тим за да осигуриме континуитет во испорачувањето на врвна услуга за клиентите.
Текст: Економист – Светот во 2025-та
Фото: приватна архива