Денес, на својата седница, Владата го одобри предложениот концепт за формирање ресурсен центар за помош на општините, со цел да се пружи значајна поддршка за зајакнување на способностите на локално ниво.
Ова, како што потенцираат од Владата, ќе придонесе кон стимулирање на поефикасен локален напредок, а истовремено ќе се обезбеди подобра соработка помеѓу локалната и државната администрација.
“Прва компонента која ја опфаќа овој концепт е Фонд за техничка документација (ФТД) – овој финансиски инструмент/шема за грантови за финансирање на општините и на центрите за развој на планските региони, за изработка на сеопфатна техничка документација за проекти за развој на инфраструктурата е веќе пилотиран во рамки на проектот „Градење на општински капацитети за имплементација на проекти“ и се спроведува во партнерски однос од страна на Министерството за локална самоуправа, УНДП и Шведската развојна агенција – SIDA,” се наведува во денешното соопштение по завршувањето на седницата на Владата.
Втора компонента е асистенција и унапредување на вештините на општинската служба, а оваа компонента, според Владата, ќе биде спроведена преку едукации, експертска помош, размена на искуства и поддршка на меѓуопштинската соработка.
Третата компонента, објаснуваат од Владата, е транспарентност на можностите за финансирање на проектна основа – платформа со сите можности за финансирање на проектна основа, следење и интегрирање на сите објави за распределба на буџетски средства кон општините, како и отворени повици за повлекување на донаторски средства.
сст/аа/Фото МИА архива.
Извор: МИА