Почетна ЕкономијаВицегувернерот Величковски: По СЕПА, инстант плаќањата се следниот чекор во модернизацијата и регионалното поврзување на платниот систем

Вицегувернерот Величковски: По СЕПА, инстант плаќањата се следниот чекор во модернизацијата и регионалното поврзување на платниот систем

од nenad
2 минути читај за

Вицегувернерот на Народната банка Игор Величковски, во обраќање на 8. меѓународна конференција на регионалните картични шеми и инфраструктурите за финансискиот пазар и плаќањата на мало што се одржа во Тирана, истакна дека модернизацијата на платежната инфраструктура, воведувањето инстант плаќања и поврзувањето со регионалните и европските платни системи се нашите приоритети за натамошниот развој на домашниот платен систем.

Величковски, преку видеообраќање, беше говорник на панел-дискусијата насловена „Инстант плаќањата во Западен Балкан“, при што порача дека по приклучувањето на нашата земја кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), воспоставувањето на националниот инстант платен систем заснован врз клонот на ТИПС е следниот значаен чекор кој ќе овозможи плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата, и ќе создаде основа за развој на нови дигитални услуги и поголема регионална поврзаност.

Величковски посочи дека клонот на ТИПС е природно продолжение на започнатите реформи во платежната сфера и можност придобивките од модернизацијата да се прошират и во доменот на инстант плаќањата. Додека СЕПА воспоставува заеднички правила и стандарди за прекуграничните плаќања во евра, клонот на ТИПС ќе обезбеди технолошка основа за порамнување на плаќањата во реално време, со постојана достапност. Придобивките од новата инфраструктура нема да се сведат само на побрзи трансакции. Таа ќе создаде услови за развој на дополнителни дигитални услуги, како што се плаќањата иницирани со користење мобилен број или електронска адреса, барањето за плаќање, проверката на примачот и интероперабилните плаќања со кодот за брз одговор т.н. кјуар-код. „Со тоа ќе се поттикне поширока употреба на дигиталните плаќања, особено кај трговците и малите компании, ќе се поддржи дигитализацијата на јавниот и на приватниот сектор и ќе се придонесе за намалување на користењето готовина“, рече Величковски.

Говорејќи за регионалната перспектива, вицегувернерот истакна дека една од најголемите можности што ја нуди клонт на ТИПС е поврзувањето на националните системи за инстант плаќања во петте економии од Западен Балкан, како и нивна идна интероперабилност со европската платежна инфраструктура. Наместо развој на изолирани национални решенија, потребно е да се изгради поврзан регионален систем што ќе овозможи ефикасни прекугранични плаќања во реално време и достапност на новите дигитални услуги.

Како следни приоритети во планот за модернизација на платниот систем, Величковски ги издвои развојот на дополнителните услуги надградени врз инфраструктурата за инстант плаќања и регионалното поврзување. Крајната цел е премин од стандардни кон инстант плаќања во денари и евра и интегрирање на домашниот платен систем во поврзан регионален и европски платежен екосистем.