Со беседа на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, вечерва ќе биде официјално отворен 89-тиот Меѓународен саем во Солун, кој ќе трае до 14 септември. На него ќе присуствуваат над 1.100 излагачи и меѓународни деловни делегации, вклучително и од нашата држава, извести дописничката на МИА од Атина.
Солунскиот Меѓународен саем, традиционално се организира секоја година во септември и претставува собир на странски изложувачи, држави од целиот свет, странски и домашни политичари и други. Премиерот на Грција, во својот говор на отворањето, ја презентира владината програма за наредниот период.
Оваа година, главната тема на саемот ќе биде „Грција и претприемништво“, со акцент на потенцијалот на грчките бизниси преку учество на комори и стотици мали и средни претпријатија од целата земја.
Вкупно 44 комори, организирани од Централниот сојуз на комори на Грција, со 351 бизнис ќе презентираат производи и услуги, додека Трговската комора во Солун учествува со 51 од своите членки.
“Во бизнис делот, закажаните B2B средби меѓу грчки и меѓународни изложувачи и трговски посетители на Саемот ќе се одржат од 7 до 10 септември на горниот кат од павилјонот 15, со 150 учесници од Чешка, Унгарија, Бугарија, Северна Македонија, Албанија, Холандија и Грција, а веќе се закажани вкупно 400 средби”, соопштија организаторите.
Покрај економијата, во фокусот ќе бидат и технологијата, иновациите, културата, образованието и слично.
Истовремено со отворањето и говорот на премиерот, како и секоја година, така и овој пат, најголемите грчки синдикати најавија протести против владината политика.
Утре напладне, грчкиот премиер ќе ја одржи традиционалната прес-конференција.
Саемот ќе трае до 14 септември, а во текот на следната недела прес-конференции ќе одржат лидерите на опозициските партии, додека следниот викенд прес-конференција ќе има претседателот на главната опозиција ПАСОК, Никос Андрулакис.
ср/ .
Извор: МИА