Хрватската писателка и колумнистка Ведрана Рудан почина на 77-годишна возраст, оставајќи зад себе бројни текстови со кои со години ги отвораше најтешките општествени и лични теми.
Последниот период од нејзиниот живот таа искрено го споделуваше со јавноста преку својот блог, во рубриката „Девојка во прегратките на метастазите“. Во своите последни записи без воздржување пишуваше за болеста, стравот, животот и смртта.
По веста за нејзината смрт, на нејзината официјална страница на Фејсбук беше објавена кратка, но силна порака:
„Ведрана замина на подрачје без сигнал.“
Токму нејзините последни текстови деновиве повторно се читаат и споделуваат низ регионот. Во нив Рудан останува доследна на својот препознатлив стил – директна, храбра и без разубавување на реалноста.
Нејзиното заминување предизвика бројни реакции во Хрватска и низ целиот регион, а читателите повторно се навраќаат на зборовите со кои Ведрана Рудан со години ги провоцираше, насмеваше и трогнуваше.
Замина една од најпрепознатливите авторки на овие простори, но нејзините зборови остануваат.