Почетна ЕкономијаБожиновска од бизнис форум Италија – Македонија: Зелената транзиција почна, Македонија е лидер

Божиновска од бизнис форум Италија – Македонија: Зелената транзиција почна, Македонија е лидер

од nenad
2 минути читај за

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес, во рамките на бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, ги презентираше стратегиите и резултатите во областа на обновливите извори на енергија, посочувајќи дека државата веќе е афирмирана како предводник во регионот со над 1000 MW инсталирани капацитети.

Таа изјави дека тоа не е случајно, туку е резултат на сериозни реформи и вложувања во државните капацитети и во соработка со приватниот сектор. “Заклучно со 2024 година, во земјата функционираат вкупно 1 494 електроцентрали на обновливи извори со комбинирана инсталирана моќност од 1 663 MW, што претставува 56 отсто од вкупната инсталирана електроенергетска моќност во државата.”

Божиновска посебно го истакна видливиот пораст на фотонапонските централи, чие учество во производството континуирано се зголемува. Меѓу главните државни проекти што ги најави министерката Божиновска се изградбата на соларна електрана од 200 MW, нов парк на ветерна енергија во Миравци од 100 MW, како и дооформување на ветерниот парк „Богданци“.

Таа го соопшти и стартот на нови приватни инвестиции, меѓу кои се ветерниот парк на „Алцазар Енерџи“ со капацитет од 400 MW и соларниот парк „Стипион“ на „Акуо Енерџи“ од Франција со планирани 360–400 MW, нагласи Божиновска на пленарната седница и панелот посветен на енергетската транзиција и циркуларната економија.

Министерката потенцираше дека се воведува ново стратешко планирање преку новиот Закон за енергетика, кој вклучува годишни и долгорочни планови за развој на нови капацитети, со цел да се осигури прегледност и стабилност и за државата и за инвеститорите. “Без силна и модерна енергетска мрежа, капацитетите од обновливи извори нема да можат да се интегрираат.”

“Затоа инвестициите во преносната и дистрибутивната мрежа се наш апсолутен приоритет,” изјави Божиновска, објавувајќи нов 10-годишен план за развој на мрежата и воведување на батериски системи за складирање на енергија како задолжителен дел за сите нови капацитети.

На форумот беа разгледани и нови можности за италијанските компании во доменот на енергетиката и инфраструктурата, а беа отворени прашања за регионално поврзување, заеднички проекти и засилување на јавните и приватните партнерства во духот на зелената транзиција.

Бизнис форумот, како што беше нагласено при отворањето, става акцент на унапредување на економската соработка помеѓу двете земји, со посебен фокус на вложувања во инфраструктурата и енергетиката.

мч/дма/фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

Извор: МИА