Околу 70 држави се обратија до администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со молба за започнување на трговски разговори, објави денес гласноговорничката на Белата куќа, Каролин Левит.
Според неа, историскиот „Ден на ослободувањето“ минатата седмица, што беше одбележан од Трамп, покажа дека „ерата на американско економско предавање заврши“.
„Овие земји имаат огромна почит кон претседателот“, рече таа, додавајќи дека трговски спогодби ќе бидат склучувани само ако тоа е во прилог на американските работници.
Таа го пофали Израел за „проактивниот пристап“ и рече дека тој треба да служи како пример за целиот свет. „Земјите се натпреваруваат да ги реформираат неправедните трговски практики. Зошто? Затоа што имаат почит кон САД и кон моќта на американскиот пазар“, додаде Левит, подвлекувајќи дека администрацијата има цел „значително да ја зајакне американската индустрија“.
Левит исто така посочи дека Трамп веќе го исполнува своето ветување за нова „златна ера за Америка“, и дека повеќе нема да дозволи американските компании да бидат оштетени од „неразумни трговски практики“. „Претседателот има ‘рбет од челик и нема да попушти под притисок, вклучително и под царински контрамерки како оние од Кина“, додаде таа.
Во врска со заканата на Трамп да воведе дополнителни давачки од 50 проценти кон Кина, со што вкупниот надоместок со кој се соочува Пекинг би достигнал 104 проценти, таа потврди значителна ескалација меѓу двете суперсили. „Тоа ќе стапи во сила во 00:01 часот вечерва. Значи, практично утре. (во 21,01 по македонско време)“.
На прашањето дали Трамп би размислил за постигнување на договор со Си Џинпинг, кинескиот претседател, таа рече дека претседателот „верува дека Кина сака да склучи договор со САД“. „Кина мора да склучи договор со САД. Беше грешка што Кина возврати. Кога Америка е удрена, тој возвраќа посилно“, истакна портпаролката.
Во однос на медиумските прашања за тоа дека се менува политиката на Белата куќа – од одбивање преговори до повик за нови договори – Левит рече дека и двете тврдења можат да бидат точни во исто време. Според неа, САД се соочиле со „економска и безбедносна криза“ поради неправедни трговски услови.
На прашањето за ризикот од рецесија, Левит не даде директен одговор, туку повтори дека администрацијата има „економски оптимизам“, најави најголемо даночно намалување во историјата на САД и посочи дека „секојдневно се укинува скапа бирократија“.
ссм/фото: ЕПА архива .
Извор: МИА