Системот за автоматско регистрирање сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ од денеска започнува да функционира и на подрачјето на СВР Охрид. Камерите ќе ги следат возачите во Охрид, Струга, Кичево и Дебар, со што се проширува опфатот на електронската контрола на сообраќајот.
Претходно, системот беше активиран и во регионот на СВР Велес, каде што за помалку од еден месец се регистрирани повеќе од 1.500 сообраќајни прекршоци.
Од СВР Велес информираат дека од 12 септември, кога започнала примената на системот, до 5 октомври биле евидентирани вкупно 1.518 прекршоци. Контролата ги опфаќа Велес, Кавадарци, Неготино и Демир Капија, како и делницата од автопатот меѓу Велес и Демир Капија.
Податоците покажуваат дека во период од 24 дена биле регистрирани просечно по околу 63 прекршоци дневно.
Најчест прекршок е непочитувањето на пропишаната брзина. За пребрзо возење биле евидентирани 1.214 случаи. Втори на листата се минувањата на црвено светло, со 290 прекршоци, додека во 14 случаи возачите управувале возило со истечена важност на сообраќајната дозвола.
При претставувањето на системот во Повардарието, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нагласи дека основната цел на „Безбеден град“ е да се зголеми безбедноста во сообраќајот и да се спасуваат човечки животи, а не да се остваруваат буџетски приходи преку казнување на возачите.
Со вклучувањето на нови градови, системот добива поширок опфат, а возачите ќе треба доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и ограничувањата на брзината.