Демократската унија за интеграција денеска организираше внатрепартиски избори за консолидација на партиските органи во 14 ограноци, со примена на демократскиот принцип „еден член, еден глас“. Во текот на овој изборен процес предводен од партиската изборна комисија на ДУИ се гласаше за избор на претседатели на ограноци, членови на ограноците, претседатели на локални совети и членови на раководството на локални совети во ограноците: Бутел, Чаир, Дебар, Јегуновце, Кичево, Крушево, Куманово, Липково, Битола, Петровец, Пласница, Преспа, Шутка и Велес.
Така, избраните во 14 ограноци на ДУИ се следните:
Во Ликово: Мирсад Ибраими
Во Куманово: Ридван Асани
Во Чаир: Беким Незири
Во Бутел: Мухарем Асани
Во Шутка: Илаз Лесковица
Во Петровец: Насер Халити
Во Јегуновце: Елдин Адеми
Во Кичево: Ардита Дани
Во Дебар: Артин Спахиу
Во Крушево: Абиб Веџиу
Во Битола: Лутфи Амето
Во Пласница: Бајрам Карамалески
Во Велес: Локман Салија
Во Преспа: Арјан Муједини
Најинтересно од сите имиња на листата е новиот претседател на огранокот на ДУИ во Чаир. На тоа место сега доаѓа Беким Незири, поранешен министер, директор на ПИОМ а сега бизнисмен. Ќе му биде потребно целото искуство бидејќи доаѓа на „жешко“ столче кое до скоро му припаѓаше на Изет Меџити – поранешен градоначалник на Чаир, поранешен висок функционер во ДУИ но во последниве години еден од лидерите на фракцијата во партијата која пред се бара Али Ахмети да го отстрани Артан Груби од врвот на партијата.
Дел од фракцијата, популарно наречена „огнена група“ ја сочинува и актуелниот градоначалник на Чаир, Висар Ганиу, како и градоначалникот на втората доминантно албанска општина во главниот град – Блерим Беџети. Сето ова значи дека Незири доаѓа на чело на огранок на партијата во место каде се наоѓа епицентарот на внатрепартиската опозиција. Во своите настапи пред изборите, тој се обидуваше да се претстави како човек кој ќе направи се за да ги помири двете страни.