Повеќемина поединци се приведени како дел од опсежна антикорупциска истрага во која е вмешана една агенција на НАТО, соопштија денес судските системи на Белгија, Луксембург и НАТО.
„Благодарение на истрагата што ја започна Агенцијата за национална безбедност и набавки (NSPA) на НАТО, судските власти во неколку земји уапсија неколку лица обвинети за корупција во врска со договори со Алијансата“, изјави портпаролка на НАТО.
Белгиското правосудство извести дека се притворени двајца осомничени.
„Истрагата се фокусира на можни неправилности во доделувањето договори на одбранбени компании за купување воена опрема за НАТО, како што се муниција и беспилотни летала“, се наведува во изјавата на белгиските судски органи.
Инспекторите претпоставуваат дека одреден број вработени во NSPA, активни и пензионирани, им доставувале доверливи информации на компаниите за да им помогнат да добијат договори.
Луксембуршката полиција, пак, информираше дека извршила повеќе рации во Луксембург, каде што е лоцирано седиштето на NSPA, и дека конфискувала „документи корисни за утврдување на вистината“.
„Белгиските, холандските, италијанските, шпанските и американските власти спроведоа истовремени операции што доведоа до апсење на осомничените“, се додава во соопштението.
НАТО, од друга страна, потврдува дека работи во „тесна соработка“ со судските власти, со цел сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата.