Почетна ЕкономијаАнтикорупциски агенции во Украина открија измама при набавка на дронови

Антикорупциски агенции во Украина открија измама при набавка на дронови

од nenad
1 минути читај за

Украинските тела за борба против корупцијата обелоденија обемна корупциска афера за земање поткуп и набавка на оружје по превисоки цени во државата, како што изјавија тие.

Националното антикорупциско биро (НАБУ) и Специјализираното антикорупциско обвинителство (САПО) вчера преку социјалните мрежи информираа дека осомничените лица примале мито во корупциска шема каде што беспилотни летала и друга воена опрема се купувани со државни средства по значајно повисоки, “надуени” цени.

Според извештајот на НАБУ и САПО, сторителите примале поткуп од 30 проценти од вредноста на договорот.

Иако агенциите не ги открија идентитетите на осомничените, тие наведоа дека меѓу нив имало пратеник во парламентот и неколку службеници од областа и градот, и дека досега се приведени четири лица.

Министерството за внатрешни работи на Украина објави дека припадниците на Националната гарда, кои исто така се инволвирани во случајот, се отстранети од нивните работни места.

Беспилотните летала се претворија во клучен елемент во војната меѓу Украина и Русија, а најголемиот дел од руските воени средства уништени од украинската војска беа таргетирани од беспилотни летала. Киев, исто така, ја зголемува домашната продукција и извоз со производство на беспилотни летала.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето синоќешно обраќање истакна дека откриената корупциска афера е “неморална” и им се заблагодари на агенциите за нивната работа.

“За жал, овие корупциски шеми вклучуваа набавка на системи за електронско војување и дронови ФПВ. Мора да има целосна и фер одговорност за ова”, додаде Зеленски во својот говор, кој беше објавен на “X”.

Оваа спорна шема беше откриена два дена откако украинскиот парламент со големо мнозинство гласаше за враќање на независноста на антикорупциските агенции. Овој чекор ја укина претходната одлука на Зеленски да ги ограничи овластувањата на агенциите, што предизвика бројни демонстрации.
мс/фото: ЕПА архива.
Извор: МИА