Со донесувањето на Предлог-законот за отворени податоци и нивна повторна употреба од јавниот сектор, Македонија го усогласува своето законодавство со релевантните директиви и политики на Европската Унија. Оваа регулатива ги опфаќа податоците создадени од институциите во рамките на нивните законски надлежности, како и информациите од истражувањата финансирани од државниот буџет.
Овој чекор претставува значаен напредок, со цел знаењето создадено со јавни средства да биде лесно достапно и применливо за промовирање на општествениот и економскиот развој. Ова го истакна министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на вчерашната јавна дискусија посветена на Предлог-законот.
„За државата и институциите, ова значи системско поместување кон целосна отвореност: јасни обврски, стандарди и процес – навремено објавување, машински читливи формати, квалитет и употребливост“, рече Андоновски.
Тој додаде дека кај динамичните податоци, целта е тие да бидат достапни веднаш по нивното собирање, преку API и bulk download, при целосно почитување на заштитата на личните податоци, доверливоста и безбедноста.
„За граѓаните ова значи полесен пристап до информации и поголема отчетност. За медиумите и граѓанските организации – посилна алатка за анализа и надзор. За бизнисот и стартапите – можност да создаваат нови услуги врз основа на јавни податоци и да поттикнат иновации, конкурентност и нови работни места“, нагласи министерот.
Министерот Андоновски, исто така, посочи дека клучно за овој закон е начелото на повторна употреба, кое по правило е слободно, бесплатно и не бара претходно одобрување. Ограничувањата се предвидени само по исклучок и под разумни услови, без нарушување на конкуренцијата.
„Денес, покрај расправата, сакам да нагласам и дека промовираме целосно редизајниран и технички унапреден Портал за отворени податоци — data.gov.mk. Ова не е козметичка промена, туку сериозна модернизација, со што добивме значително поголема брзина и стабилност, но и клучно — повисоко ниво на безбедност“, објасни Андоновски.
Тој детализира дека е заменет оперативниот систем, голем дел од старите екстензии се преработени или изработени одново, а направена е и нова екстензија за подобро индексирање и видливост на порталот во пребарувачите. Порталот сега располага со комплетно нов, модерен дизајн и ново лого.
Дополнително, министерот Андоновски најави промоција на МДТ AI Assistant на data.gov.mk – интелигентен чат-бот интегриран со порталот за отворени податоци. Ова решение им овозможува на корисниците природна интеракција, полесно и побрзо да ги пронаоѓаат податочните сетови преку семантичко пребарување, како и автоматски да добијат објаснувања и насоки за користење на CKAN API. Тој изрази задоволство што ова решение е резултат на соработка помеѓу студенти-волонтери во Министерството за дигитална трансформација и партнерство со Македонски Телеком.
„Ова е шести закон од Поглавје 10 со кој Македонија се усогласува за помалку од една година — мерлив резултат и јасна посветеност. Но, денес не претставуваме „готова работа“. Напротив, ја отвораме расправата за да слушнеме што е применливо, што треба да се доработи и како најбрзо да стигнеме до систем што ќе функционира во пракса“, потенцира министерот Андоновски.
Програмскиот директор на Фондацијата „Метаморфозис“, Данче Даниловска-Бајдевска, информира дека тие се коорганизатори на јавната расправа заедно со Министерството за дигитална трансформација.
„Концептот на отворени податоци се темели на принципот на отворен пристап и служење на народот преку зајакнување на граѓаните, подобрување на бизнис околината и поттикнување на информиран општествен и економски развој. Во Северна Македонија во 2011 година почна овој системски концепт да се решава, а во 2014 година да биде донесен Законот за употреба на податоци од јавниот сектор“, рече Даниловска-Бајдевска, додавајќи дека Фондацијата од самиот почеток е вклучена во овој важен процес.
Станислав Василковски од Министерството за дигитална трансформација одржа презентација на чат-ботот и надградбата на порталот за отворени податоци.