Почетна ЕкономијаАнгелов: Пожарот во Трубарево изгаснат, чадењето е силно, а „Дрисла“ повторно гореше ноќеска; состојбата е стабилна

Ангелов: Пожарот во Трубарево изгаснат, чадењето е силно, а „Дрисла“ повторно гореше ноќеска; состојбата е стабилна

од nenad
2 минути читај за

Пожарот е ликвидиран, нема повеќе активен пламен, но сѐ уште има интензивно испуштање на чад кој излегува низ почвата и песокот од затрупаните подрачја.

Потребно е да се дозатрупа уште еден дел од изгорената површина, изјави утрово Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во врска со состојбата на локацијата на пожарот во Трубарево, кој започна вчера пред 14 часот во магацин за рециклирање пластичен и електронски отпад, како и батерии.

Во видео обраќање, Ангелов истакна дека благодарение на „храбрата, брза и пожртвувана интевенција на скопските пожарникари, како и на целокупната одлично организирана акција за гасење на пожарот, четири објекти на локацијата биле спасени“, иако, според неговите зборови, се наоѓаат непосредно до опожарените објекти на компанијата „Ф“.

“Од она што можам да го забележам овде, се работи за големи бали со пластичен отпад, пластични шишиња и друг отпад, уредно спакувани. Пожарот е изгаснат. За жал, се уште имаме активно чадење. Делот каде што се наоѓаат литиумските батерии е затрупан со песок, на некои места е користена земја, онаму каде што нема литиумски батерии односно електронски отпад. Но, има чадење преку песокот и посипаната земја. За жал, чадењето се уште е силно, пожарникарите работат на навлажнување на песокот заради догаснување на пожарот, бидејќи ваков електронски отпад е исклучително тежок за гасење. Пожарникарите работеа во текот на целата ноќ”, нагласи Ангелов.

Тој исто така информираше дека околу 2:30 часот добиле пријава за повторно горење на депонијата „Дрисла“ и веднаш се упатил кон таму. “Се гледаа одредени пламени јазици, но тоа беше гасот којшто испарува од оваа депонија. Таму упативме една екипа на скопската противпожарна бригада која го изгасна огнот, од кој постоеше опасност да го зафати главниот дел од депонијата. Сега состојбата во „Дрисла“ е стабилна, продолжуваме со агресивно затрупување на преостанатиот дел бидејќи најмалку половина од местото коешто гореше во „Дрисла“ вчера е затрупано. Но, дел од механизацијата беше пренасочен и овде, на големиот пожар во Трубарево”, додаде Ангелов.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување ќе одржи прес-конференција во 11 часот во Медија-центарот на Владата, заедно со министерот за здравство Азир Алиу и владината портпаролка Марија Митева.