Стојанче Ангелов, директор на ЦУК/Фото: ЦУК
Со скромни ресурси кои не се за потценување, но со правилна координација и оваа сезона ќе се гаснат пожарите на отворено. Според податоците на Центарот за управување со кризи во државава има 938 вкупно пожарникари, а реално се потребни 670. Најалармантна е состојбата во скопската противпожарна бригада каде фалат огромен број на пожарникари – стотици според директорот Стојанче Ангелов. Има 105 цистерни со пумпи за гаснење на пожари, 33 автоцистерни за носење на вода, 49 противпожарни возила за гаснење на шумски пожари на тешко проодни места, 54 класични товарни возила со пумпи, 11 товарни возила, 6 командни, 2 возила за превоз на луѓе и опрема, 191 пумпа и 629 заштитни опреми.
-Ако тргнеме од тоа дека имаме 938 пожарникари, а 629 лични заштитни облеки ќе заклучиме дека дел од нашите пожарникари гасат пожари без лична заштитна опрема, нешто што е навистина ризично и на што како држава треба да работиме, рече Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.
Во битка со пожарите од големи размери на располагање засега се четири хеликоптери, како и еден извиднички хеликоптер на МВР. Ангелов истакна дека во моментов не може да смета на трите „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување бидејќи има само еден пилот, откако двајца заминале во пензија.
-За жал, во овој момент не можеме да сметаме на ниту еден ер трактор, тие се нефункционални, двајца од пилотите заминаа во пензија, односно само 1 активен пилот, а со еден пилот Дирекцијата не смее да лета. За жал и покрај напорите на директорот на ДЗС да го надмине овој проблем сепак се уште не е надминат односно постои побарување кон Владата да биде дозволено да се ангажираат двајцата пензионирани пилоти со договор на дело и истите да ги користиме ова лето. За жал, поминаа 2 или 3 месеци од неговото барање, Јас сум оптимист сум дека ќе даде дозвола за ангажман новата влада на една од првите свои седници идната недела и така веднаш трите авиони да бидат функционални, рече Ангелов.
Директорот на ЦУК е оптимист дека за 10 дена на располагање ќе бидат 4 хеликоптери, 3 полициски и еден армиски како и трите ер трактори на ДЗС. Зборувајќи за состојбата со пожарите и капацитетите со кои располага државата Ангелов истакна уште неколку придизвици пред новата влада која од понеделник почнува со работа, а тоа е одблокирањето на сметката на ЈП Национални шуми поради што нивните работници немаат пари за гориво за возилата, а треба да дадат прв одговор при настанување на пожарите, како и измени во Законот за шуми, во кој е предвидено формирање на Национален комитет при- масивно тело со 19 члена од надлежните институции за борба со пожарите кои одлучува за ангажирање на воздухопловите, но кое досега не е формирано, туку надлежноста ја врши ЦУК.
-За жал Министерството за земјоделство во последните 7 години не успеа да го стави во функција овој Национален комитет. Причините се објективни, тешко изводливо е да се формира вакво тело, 19 лица коишто ќе управуваат со леталата. Имаше поднесено иницијатива оваа глава од законот да се избрише, но досега не е. Со одлука на владата досега ЦУК беше надлежен да врши координација на активности се додека истата не биде избришана од страна на собранието со нов закон. Останува на новата влада да одлучи дали ќе го заживее овој Национален комитет или ќе продолжи процедурата за бришење на целта оваа глава, рече Ангелов.Ангелов потсети дека при појава на пожар на отворено кој потоа влегува во шуми и се претвора во сериозен шумски пожар првиот одговор го даваат доколку е во шума – Национални шуми, а на територијата на општините го даваат локалните територијални противпожарни единици.
-Затоа апелирам до градоначалниците на сите општини кога ќе имаат информации за пожар на отворено, од нивните команди или единици, доколку проценат дека самите не можат да се справат со пожарот, да побараат помош од соседните општини. Доколку пожарот има поголеми димензии и тие не можат да се справат дури и со помош од соседните локални единци треба да побараат помош буквално од територијата на целата држава. Имаме неколку ТППЕ кои се исклучително квалитетни и на нив сметаме цело време и ги користиме како специјални противпожарни единици, рече Ангелов и додаде дека помош може да се побара и од јавните комунални претпријатија кои исто можат да помогнат во гаснењето.
Откако ќе се исцрпат сите локални средства треба да се бара помош се националните тимови на ДЗС, а тоа се доброволни ПП друштва од кои тимот од Валандово, Кочани и Свети Николе, според Ангелов располагаат со сериозни капацитети па дури потоа потсети дека се бара поддршка од воздухоплови за што одлучуваат во ЦУК во координација со МВР.
-Ако се појават како вчера пожари на 10 места ние немаме капацитет за сите да испратиме воздухоплови. Затоа апелирам да градоначалниците за постапност при ангажманот на соодветни противпожарни ресурси. Воздухоплови се бараат само онаму кадешто е неопходно, нагласи Ангелов.
Тој посочи дека од сите ТППЕ со најголеми проблеми се соочува скопската противпожарна бригада која освен пожари на отворено во поширокиот скопски регион, секојдневно гаси и помали пожари во урбани средини – запалени куќи, станови, возила…Ангелов истакна дека е против воведување на забрана за движење во шумите, бидејќи токму планинарите се совесни и можат да известат доколку забележат некој пожар по што побрзо ќе реагираат и противпожарните единици. Како несовесни ги истакна земјоделците и сточарите, кои палат стрништа, но и гранки и грмушки предизвикувајќи пожари од големи размери.
-Откривачката дејност на МВР е катастрофа, минатата година имало 4.300 пожари, а само 15 пријави за потпалувачи, а нема ниту превентивни активности. Се надевам со новиот министер ќе имаме многу подобра соработка во откривачката дејности и во превентивата. МВР треба да има свои патроли секаде онаму кадешто се движат луѓе кои што би можеле да предизвикаат пожари. Најнеблагодарна мерка е да се даде забрана за движење во шуми, рече Ангелов.Граѓаните доколку забележат оган или чад може да пријават на бројот за итни случаи 112, а посебно на високите температури да се избегнува палењето на скара во дворовите и викенд населбите од каде исто така настануваат пожари од големи размери. Предупредени се и МЕПСО и ЕВН за проверка на високонапонската мрежа зошто лабави жици предизвикуваат искрење и пожар.