Американски и виетнамски бизниси апелираат САД да ги одложат „шокантно високите“ тарифи за увоз од Виетнам, истакнувајќи дека помалите увозни давачки и „фер“ договор меѓу Вашингтон и Ханој ќе ѝ помогнат на американската економија и ќе го намалат трговскиот диспаритет.
Минатата недела, Трамп најави давачки од 10 проценти за увоз од земјите ширум светот и планира додатни „реципрочни давачки“ за трговските партнери со кои САД имаат трговски дефицит.
Белата куќа во текстот на одлуката потенцира дека сака да го врати индустриското производство во САД, тврдејќи дека американската индустрија изгубила околу пет милиони работни места од 1997 до 2024 година.
Според ова, увозот од Виетнам треба да биде предмет на данок од 46 отсто од 9 април, со објаснување дека Ханој, според калкулациите на советниците на Белата куќа, наплаќа давачки за увоз на американски добра со стапка од 90 отсто, кога се земаат предвид „валутните манипулации и нетарифните трговски бариери“.
Многу американски компании го преместија производството во Виетнам со цел да ги редуцираат трошоците, а потоа ги извезуваат производите во САД. Во такви околности, Виетнам минатата година оствари суфицит од 123,5 милијарди долари во трговската размена со САД. Само Кина, ЕУ и Мексико имаа поголем суфицит во трговската размена со САД.
Виетнамската влада направи серија отстапки на САД дури и пред Трамп да ги соопшти давачките за увоз од земјите ширум светот, ветувајќи дека ќе купува повеќе американски стоки како што се авиони и земјоделски производи и ќе ги намали давачките за увоз на енергија и автомобили.
Кон крајот на март, Виетнам на тој начин ги преполови давачките за американскиот течен гас и етанол, а ги редуцираше давачките за увоз на автомобили и производи како што се пилешки гради, бадеми, јаболка, цреши и производи од дрво.
Во петокот, американскиот претседател и виетнамскиот лидер То Лам се согласија да преговараат за укинување на тарифите. Телефонскиот разговор беше „многу продуктивен“, рече Трамп.