Албанскиот претседател на владата, Еди Рама, најави дека Албанија ќе се насочи кон производство на оклопни возила и борбени беспилотни летала.
За време на традиционалната предновогодишна средба со претставниците на медиумите, Рама истакна дека целта на Албанија е да го постигне просекот на земјите-членки на НАТО во однос на финансиската поддршка за одбраната.
Тој потсети дека оваа година Албанија е засилена со ракетен систем „Џавелин“, три патролни брода донирани од Италија, како и радари за воздушен надзор, реализирани во соработка со Франција.
– Нашата најзначајна аспирација е Албанија да стане земја која не само што ги користи своите воени капацитети за сопствени потреби, туку и да ги пласира на извоз. Затоа, оваа година претставува клучен период за нашата армија, бидејќи се поставени темелите за одбранбената индустрија со мотото „Произведено во Албанија“, нагласи Рама.
Додаде дека е формирана државна компанија која веќе има склучено партнерства со домашни и странски субјекти за производство на муниција.
Според него, овие договори опфаќаат производство на возила за медицинска помош и полициски патролни автомобили.
– Ќе започнеме со производство на борбени дронови, како и на системи за противвоздушна одбрана од беспилотни летала, а првите нарачки се веќе обезбедени.
Очекуваме првите производи да бидат видливи во првата половина од 2026 година, додека паралелно работиме на реализација на други проекти во поморската и воздухопловната индустрија, најави тој.
Рама се пофали дека „Албанија денес располага со едни од најнапредните капацитети за кибер одбрана“.