Почетна ЕкономијаАлбанија ќе гради три нови соларни електрани со капацитет од 178 мегавати

Албанија ќе гради три нови соларни електрани со капацитет од 178 мегавати

од nenad
1 минути читај за

Владата на Албанија донесе одлука за изградба на три нови фотоволтаични електрани со вкупен капацитет од 178 мегавати, како дел од стратегијата за зголемување на производството на енергија од обновливи извори.

Новите соларни капацитети ќе бидат изградени во близина на Лушња, Саранда и Поличан, а проектите се очекува да придонесат за поголема енергетска стабилност и намалување на зависноста од традиционалните извори на енергија.

Според информациите објавени од Албанска телеграфска агенција, во селото Савер кај Лушња компанијата „3X Енерџи“ ќе изгради електрана со капацитет од 70 мегавати. Во Саранда, компанијата „Парк сол енерџи“ ќе реализира проект од 50 мегавати, додека во Поличан компанијата „Икс уан“ ќе инвестира во електрана со моќност од 54 мегавати.

Според владината одлука, изградбата на електраните треба да заврши во рок од 36 месеци, додека периодот на нивно користење и работа е предвиден да трае до 49 години.

Компаниите инвеститори ќе имаат обврска да ги почитуваат еколошките стандарди и редовно да доставуваат извештаи до надлежните институции за влијанието врз животната средина и текот на проектите.

Дополнително, како дел од договорените обврски, компаниите ќе издвојуваат два проценти од годишното производство на електрична енергија, или неговата парична противвредност, во државниот буџет.

Албанските власти оценуваат дека новите инвестиции ќе придонесат за побрза енергетска транзиција и зајакнување на капацитетите за производство на чиста енергија во земјата.