Почетна ЕкономијаАлбанија погодена од невреме, прекин во воздушниот, поморскиот и дел од патниот сообраќај

Албанија погодена од невреме, прекин во воздушниот, поморскиот и дел од патниот сообраќај

од nenad
1 минути читај за

Силно невреме, проследено со интензивен ветер и обилен дожд, денеска ја зафати територијата на Албанија, предизвикувајќи прекин во воздушниот, поморскиот и на одредени делници од патниот транспорт.

„Силното невреме што ја погоди Албанија, предизвика привремен прекин на летовите на меѓународниот аеродром во Тирана. Пистата е погодена од силен ветер и дожд, што го оневозможува нормалното функционирање на летовите. Властите ги прекинаа летовите додека не се подобрат временските услови“, објави Евроњуз Албанија (euronews. al).

Бурата, која предизвика огромни бранови, резултираше и со прекин на поморскиот сообраќај. Во пристанишниот град Драч, како и во Тирана и други региони на земјата, ветерот корнеше сè пред себе. Има урнати дрвја, а во многу населби има прекин во снабдувањето со електрична енергија.

Министерството за внатрешни работи апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат крајна внимателност и стриктно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Исто така, ги советуваат граѓаните без голема неопходност да не ги напуштаат своите домови, бидејќи “улиците се преполни со вода и паднати дрвја, гранки и лимени покриви”.

“Вработените во сите локални полициски дирекции, противпожарните бригади и локалните власти се на терен, за да обезбедат помош и поддршка. Во случај на потреба јавете се на бесплатниот телефонски број 112”, се наведува во апелот.

Според извештаите на медиумите, голем број туристи го напуштаат крајбрежјето поради лошото време.

вт/ сд/Фото: МВР/ принтскрин Еуроњуз, Орањуз и Топ чанел
Извор: МИА