Почетна ЕкономијаАзири: 155 медицински сестри од тетовската Клиничка болница потпишуваат договори за неопределено време

Азири: 155 медицински сестри од тетовската Клиничка болница потпишуваат договори за неопределено време

од nenad
3 минути читај за

Во Тетовската Клиничка болница, 155 медицински сестри, доктори и друг персонал ќе добијат работни договори за постојано вработување, објави министерот за здравство, Азир Алиу на денешната конференција за медиуми.

Со ова, како што рече тој, ќе стави крај на агонијата на 155 лица, од кои некои со години работат во установата без дефиниран статус.

Тој ја критикуваше опозициската партија ДУИ дека со децении, иако беа на власт, не го решиле проблемот на овие луѓе. “Денеска ја држиме оваа прес-конференција затоа што имаме што да покажеме – резултати, решенија и одговори на сите отворени прашања. А тие што направија – седат по ќошиња, задскриени зад тастатурите и шират лаги за да ги покријат сите зулуми и срамоти што ги оставија на граѓаните особено во здравство.”

“Ги слушнавте измислиците дека 155 лица од Тетово нема да се вработат, срамота, дури и за нивниот стандард на лаги. Тоа е евтин театар за евтини политички поени врз плеќите на луѓето што со години живеат во несигурност”, изјави министерот за здравство.

Тој додаде дека постапката е завршена за 155 лица од Клиничката болница во Тетово, истакнувајќи дека ДУИ, иако долго време биле на власт, не го решиле ова прашање. “Дури кога Арбен Таравари беше една година министер, ништо не направи, само седеше, гледаше како овие луѓе се понижуваат со привремени договори и живеат во несигурност. За жал, денес кога ние конечно донесовме решение тие повторно покажаа дека единственото што знаат е да лажат, да манипулираат и да подметнуваат преку своите луѓе што сè уште шетаат по институциите”, рече Азири.

Министерот го обвини неговиот претходник Таравари дека од страна на ДУИ го користат како “маша на партијата”, додавајќи дека граѓаните тоа го забележуваат. “Резултатите се нашиот одговор на нивните лаги”, рече Азири.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот за здравство објасни дека станува збор за административни процеси кои се при крај, најавувајќи дека наскоро вработените ќе ги потпишат договорите. “За жал, ова се административни процеси коишто траат. Ние денеска го решаваме проблемот, административниот дел е завршен, очекуваме за два-три дена да ги потпишат договорите”, рече министерот.

Азири појасни дека се работи за разновиден кадар, медицински сестри, доктори, хигиеничари, вкупно 155 лица, и најави дека повторно ќе се сретне со нив. “Знаете дека јас првата средба ја имав во Тетово со нив и тогаш им кажав дека решението на проблемот ќе го најдеме и го најдовме. Верувам дека после оваа прес-конференција тие веќе се спокојни и еве уште еднаш јавно кажувам дека многу брзо лично јас ќе одам таму да се видам со нив, за да ги добијат тие договори”, изјави Алиу.

Во врска со зголемувањето на бројот на вработените во Службата за Итна помош и набавката на амбулантни возила, министерот рече дека двата процеси се во тек. Покрај Скопје, амбулантни возила ќе добијат и другите центри во државата. Министерството побарало информации од надлежните за недостатокот на кадар и амбулантни возила од центрите.

“При крај се вработувањата во таа служба, исто така размислуваме за амбулантни возила коишто најверојатно, ќе бидат купени не само за Скопје туку за сите градови. Во моментот бараме по електронски пат да одговорат од сите центри колкав е недостигот и на возила и на човечки ресурси. Понатаму ќе продолжиме со постапките. Знаете дека постапката во Скопје веќе е при крај и очекуваме најверојатно за максимум десет дена да биде завршена”, рече министерот Азир Алиу.
ам/вг/Фото: МИА
Извор: МИА