Почетна ЕкономијаАЕК распиша тендер за радиофреквенции за мобилна телефонија со јавно наддавање

АЕК распиша тендер за радиофреквенции за мобилна телефонија со јавно наддавање

од nenad
2 минути читај за

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) донесе решение за објавување на јавен конкурс со наддавање за доделување на лиценци за употреба на радиофреквенции од радиофреквентните опсези 700 MHz, 1800 MHz и 3.6 GHz.

Одлуката произлегува од јавната дискусија за оваа цел, која резултираше со Писма за искажување интерес од ОНЕ Македонија Телекомуникации ДООЕЛ Скопје, Битстрим Мобиле ДООЕЛ Скопје и е& ппф Телеком Груп Б.В.

Најниската стартна сума на пазарната вредност на радиофреквенциите како еднократен надоместок за лиценцата А1 изнесува 4,2 милиони евра, за лиценцата Б1 е 1,5 милиони евра, а за лиценцата C1, 2,320 милиони евра.

Кандидатот кој ќе ги исполни условите за јавното наддавање, треба да уплати гаранција во висина од 10 проценти од почетната вредност на радиофреквенциите.

Крајниот рок за доставување на понудите е 35 дена од денот на објавата, а јавното отворање на понудите ќе се одржи на 22 август во 10 часот во просториите на АЕК.

АЕК на 22 април годинава објави намера за спроведување постапка на јавен тендер со наддавање за нов мрежен оператор во земјата, а на барање на „Оне Македонија телекомуникации“, компанијата што унгарската телеком-компанија „Фор-ај-џи“ ја регистрираше во државата по најавата за влез на македонскиот телекомуникациски пазар.

Според податоците заклучно со четвртиот квартал лани, бројот на активни корисници во мобилната телефонија изнесува 1.975.907.

Од 10 пријавени субјекти во службената евиденција на АЕК во четвртиот квартал лани, шест субјекти обезбедуваа јавно достапни телефонски услуги на јавна мобилна комуникациска мрежа: Македонски Телеком АД Скопје, А1 Македонија Скопје, Лајкамобајл – Скопје, Телекабел – Штип, Греен Мобиле – Прилеп и МТЕЛ – Скопје.

Истражувањето на јавното мислење од аспект на заштита на корисниците на електронски комуникациски услуги на Агенцијата за електронски комуникации, објавено на почетокот на месецот, покажа дека најниско задоволство има од цените на услугата мобилна телефонија со 55,9 проценти.

лв/нд/фото: МИА архива
Извор: МИА