Австралиските власти денес објавија цел до 2035 година да ги сведат емисиите на стакленички гасови за 62 до 70 проценти под нивоата забележани во 2005 година. Оваа бројка е поскромна од првичната препорака дадена од националниот орган за климатски промени.
Организацијата на Обединетите нации (ОН) ги повика државите да ги достават своите планови за климата, познати како Национално утврдени придонеси (НДЦ), до крајот на септември. Целта е да се проценат напорите на секоја земја пред самитот COP30, кој ќе се одржи во ноември во Бразил.
Австралија е рангирана меѓу земјите со највисоко ниво на емисии на стакленички гасови по жител, пред се поради развиената индустрија.
Поставената цел е пониска од предвидениот опсег од 65 до 75 проценти, моделиран од Министерството за финансии и првично предложен од Комисијата за климатски промени, независно тело кое ја советува владата во однос на климатската политика.
„Целта мора да биде амбициозна и остварлива. Цел над 70 проценти не е остварлива, ние го избравме највисокото ниво на амбиција што е остварливо“, изјави министерот за климатски промени и енергија, Крис Бовен, на прес-конференција.
Австралискиот премиер, Ентони Албанезе, исто така, најави инвестиција од пет милијарди австралиски долари (2,81 милијарди евра) за поддршка на индустриските капацитети во процесот на декарбонизација, како и две милијарди австралиски долари за државната Финансиска корпорација за чиста енергија, со цел намалување на цените на електричната енергија.
„Ние не сме најголемиот загадувач ниту најголемата економија, но нашата посветеност на борбата против климатските промени е важна. Тоа е важно за нашите соседи, за нашата економија и е важно за земјата што ќе им ја оставиме на нашите деца“, додаде Албанезе.
Од климатските цели доставени до ОН, Обединетото Кралство се издвојува со најамбициозната цел – намалување на емисиите за 78 проценти во споредба со нивото од 2005 година.
Фото: ЕПА.
Извор: МИА