Преку сталната несвест на МОН за студентите и за почитувањето на законските рокови, од Младинското движење Студентски отпор се вели дека студентите повторно се принудени да бараат своите права со протести и радикализација.
-Веќе влегуваме во третиот месец од новата година а МОН нема исполнето ниту едно ветување.
Постојано закаснува со исплата на субвенциониран студентски оброк. Согласно законот МОН треба да исплати средства (околу 2500 денари) секој 1-ви од новиот месец за претходниот месец, но студентите минатата недела ги добиле средствата за Јануари.
Студентите кои за прв пат се прифатени за стипендија, сè уште не добиле ни еден денар, иако минатата година со исплата започнаа во месец Ноември, а сега сме веќе во Март.
Континуирано се закаснува со исплата на стипендии за студентите кои продолжуваат со стипендијата, исто како и со субвенционираниот студентски оброк.
Реконструкцијата на студентските домови, иако најавена за 2023 година, уште не започнала, и не се најавува кога ќе заврши. Од МОН се вели дека во 2025 година можеби ќе заврши, исто како и со зградите на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и ФИНКИ.
Преговорите за новиот закон за студентски оброк се одвиваат комплетно нетранспарентно, и нема официјални информации за тоа како ќе се зголеми исплатата од неверојатните 140 денари на дневно ниво, иако моменталниот начин на исплата е на сила до 15 март.
Најновата информација од МОН е дека до 15 март ќе се исплатат сите средства и ќе се платат сите сметки. Надеваме се дека така ќе биде, иако според досегашното искуство не може да бидеме оптимистични и да веруваме на збор.
Според Младинското движење Студентски отпор, МОН го запостави самопоставениот рок до 15 март, затоа најавуваат протести и блокади на целото Скопје. Не како минатиот пат со еден протест и еден марш, туку со секојдневна блокада на сите булевари во главниот град.
