Фокусот на средбата меѓу Љубомир Јовески, Јавниот обвинител на Република Македонија, и Килиан Вал, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, беше на досегашната и идната соработка за подобрување на состојбите и зајакнување на капацитетите на Јавното обвинителство.
Јовески ги претстави состојбите и активностите на Јавното обвинителство во насока на јакнење на довербата и транспарентноста.
„Веруваме дека независни јавни обвинители, кои се придржуваат кон принципите на ефикасност, еднаквост на оружјата и непристрасност при кривичниот прогон, се клучни за функционирањето на системот на правда“, истакна Вал.
Досегашната соработка, особено во мониторингот на Мисијата на ОБСЕ во судските предмети поврзани со корупција, беше оценета како одлична. „Меѓутоа, корупцијата не се сузбива само со репресивни мерки, потребно е и превентивно да се делува“, вели Јовески.
Договорено е да продолжат меѓусебните консултации за изнаоѓање на нови модели за соработка и за зајакнување на јавнообвинителскиот систем, меѓу Јавното обвинителство и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
