На панелот „Победа со вештачка интелигенција: Од возбуда до вистинска конкурентска предност“ на самитот Македонија2025, говореше Томас Луко, извршен директор за Централна и Источна Европа во групацијата Публицис.
Во своето излагање, Луко се осврна на тоа како вештачката интелигенција преминува од тренд и „хип“ во реална алатка што носи конкурентска предност за компаниите. Тој нагласи дека клучот не е само во усвојување на новите технологии, туку во нивна паметна интеграција во бизнис-стратегиите, организациската култура и секојдневното работење.
Панелот беше дел од програмата на самитот Македонија2025, кој обединува лидери од бизнисот, технологијата и образованието со цел дискусија за иднината на економскиот развој и иновациите.
На прашањето како вештачката интелигенција го промени светот, тој истакна дека во приватниот живот AI може значително да ја зголеми флексибилноста и квалитетот на одлуките. Од подобро разбирање на здравствени податоци (секогаш во консултација со медицински професионалци), до подобро управување со финансии и секојдневни одлуки, вештачката интелигенција овозможува побрзо и поефикасно функционирање. Според него, времето што се заштедува може да се реинвестира во личен развој, одмор или односи.
Во делот за бизнис и работа, Луко зборуваше за тоа како брзата еволуција на AI моделите – кои денес се ажурираат сè почесто – ја менува корпоративната стратегија. Наместо AI да се третира како алатка, тој нагласи дека во нивната организација таа е вградена директно во деловната стратегија.
Како пример, тој објасни како раководи со тимови во четири земји во Централна и Источна Европа и како пристапот кон трансформација се променил: од класичен оперативен модел, кон интегрирање на AI во секоја функција, поддржано со посебни улоги за менаџмент на трансформација и лидерство во AI имплементација.
Луко го опиша овој пристап како „размислување во триаголници“ – комбинација од оперативен дел, AI интеграција и менаџмент на промени. Според него, токму оваа структура овозможува организациите да ја претворат технологијата во реална деловна вредност и одржлива конкурентска предност.
На прашањето што точно се променува во самиот бизнис како резултат на AI трансформацијата и како тоа се гледа преку подобрена продуктивност, намалени трошоци, побрза работа и подобри резултати, Луко истакна дека најголемиот ефект најпрво се гледа кај ефикасноста на трошоците, особено во индустрии каде најголем ресурс се луѓето.
„Во маркетингот, дигиталната трансформација и рекламната индустрија, најголемиот трошок се луѓето. Компаниите се соочуваат со инфлација, раст на платите и постојана борба за таленти. Ако сакате врвни луѓе, мора да бидете подготвени да платите премиум, но истовремено треба да им дадете и значајна работа“, рече Луко.
Тој посочи дека AI алатките овозможуваат вработените да се ослободат од рутинските задачи и да се фокусираат на работи каде навистина создаваат вредност. Според него, токму тоа е една од најголемите придобивки од воведувањето на вештачката интелигенција во компаниите.
Луко објасни дека во рамки на Публицис, AI веќе една и пол година се имплементира низ различни тимови и пазари, со цел да се зголеми продуктивноста и да се создаде простор луѓето да имаат поголемо влијание во работата.
Тој нагласи дека AI не е само приказна за намалување трошоци, туку и за раст.
„За нас ова е подеднакво приказна за раст, колку и за ефикасност. Благодарение на иновациите и AI, Централна и Источна Европа бележи двоцифрен раст во последните пет години“, истакна Луко.
Според него, регионот повеќе не е „мал играч“ во рамки на глобалната структура на Публицис, туку место каде се развиваат алатки и технологии што подоцна се користат и на европско и на светско ниво.
Во своето обраќање се осврна и на глобалните трендови околу AI, посочувајќи дека иако многу компании експериментираат со технологијата, мал број веќе гледаат конкретен поврат на инвестицијата.
„Околу 90 проценти од компаниите работат на тестирање и имплементација на AI, но само 10 проценти гледаат вистински и мерлив ROI“, рече Луко, повикувајќи се на истражување на McKinsey & Company.
Тој додаде дека AI им овозможува на компаниите да размислуваат и за нови пазари и можности што претходно не можеле да ги развиваат поради ограничени ресурси, време или недостиг на талент.
„Сега можеме да кажеме: ова е интересен и недоволно развиен пазар каде треба да ја изградиме нашата следна бизнис нога во иднина“, заклучи Луко.