Американската амбасада во Приштина, најави дека на 31 јануари ќе одржи дискусија за Заедницата на српските општини (ЗСО) во Косово.
„Покануваме разновидна група лидери на граѓанското општество, владини претставници, политички лидери и дипломати да разговараат за ова важно прашање, пренесува РСЕ.
Косово и Србија постигнаа договор за ЗСО во 2013 година, а потоа во 2015 година за принципите за нејзино формирање. Во 2015 година, Уставниот суд на Косово утврди дека договорот не е во целосна усогласеност со Уставот.
Специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во интервју за РСЕ во декември изјави дека, доколку Владата на Косово не најде начин да ја формира ЗСО, САД ќе бараат „алтернативни партнери“.
Тој рече дека овие партнери можат да бидат од граѓанско општество, мултиетнички групи или институти, поточно субјекти кои можат да понудат идеи, врз основа на кои може да се создаде ЗСО, без да се нарушува Уставот на Косово.
Србија бара Косово да ги спроведе постигнатите договори, но косовската влада се изјасни дека е против моноетничко заедница.
Од американската амбасада изјавија дека нејзината цел е „да го унапреди меѓусебното разбирање за посветеноста на Асоцијацијата, како поддршка на дијалогот меѓу Косово и Србија, со посредство на ЕУ“.
„Ние ја организираме оваа дискусија, во согласност со нашата цел да ја унапредиме интеграцијата на Косово во европските и евроатлантските структури, но и како одраз на нашето долгогодишно пријателство и поддршка за народот на Косово„