Table of Contents
Соседите мислеле дека Емили Дикинсон е ексцентрична жена со мистериозен живот, а не ни претпоставувале дека таа ќе стане една од најпознатите дами во светот
Емили Дикинсон, поетеса што живеела во 19 век, е една од најзначајните и највлијателните фигури во американската книжевност. Таа експериментирала со формата и стилот, па нејзините стихови обично биле кратки, но полни со емотивен набој и длабоки мисли. Гордо ја носи титулата најоригинален автор, но нејзиниот приватен живот бил шокантен.
Растела во самотија
Родена е на 10. декември 1830 година во Ахмерст, но најголемиот дел од својата младост го поминала дома, непрекинато читајќи книги и пишувајќи песни.
Една година се школувала на Академијата во Амхерст, каде што учела ботаника и други природни науки, потоа кратко одела на колеџот Маунт Холјок, за во 1850 година целосно да се повлече од јавниот живот во својот семеен дом. Потоа, со луѓето комуницирала исклучиво преку писма.
Во текот на целиот свој живот, Емили Дикинсон објавила само 10 песни и едно писмо. По желба на поетесата, по нејзината смрт, сестра ѝ ги запалила писмата, но сочувала 40 ракописи со повеќе од 1000 песни, од кои повеќето не биле завршени. Вистинското признание го добила дури откако починала, бидејќи американската јавност тогаш сфатила за каква уметница станува збор.
Забранета љубов
Поврзани објави
Нејзината љубов кон самотијата некои ја сметаат за патолошка, а други за романтична. Меѓутоа, како што се шпекулирало со децении во јавноста, најверојатно таа се осамила поради несреќната љубов кон свештеникот Чарлс Вадсворт. Но постојат и претпоставки дека причината за нејзиното изолирање била забранетата љубов кон сопругата на брат ѝ и несогласувањата со татко ѝ. Некои, пак, тврделе дека страдала од агорафобија.
Страст кон цвеќето
Во својата самотија таа одгледувала цвеќиња, а својот хербариум почнала да го пополнува уште во детството. Нејзината колекција на суво цвеќе содржи повеќе од 400 видови. На 38-годишна возраст престанала да оди во црква, делумно и поради тоа што го пронашла својот личен рај во своите градини.
Посебен стил на облекување
Таа развила склоност кон белата облека и станала позната по својата неволност да ги поздрави гостите. Дикинсон никогаш не се омажила, а повеќето нејзини пријателства се засновале исклучиво на кореспонденција преку писма.
Починала на 56 години, на 15 мај 1886 година. Голем број од нејзините песни биле откриени дури по нејзината смрт. Првата збирка песни била објавена во 1890 година, но била толку многу модифицирана за да се задоволи вкусот на тој период.
Оттогаш нејзините песни биле објавувани многупати, но во својот оригинален облик биле обелоденети дури во 1998 година. За авторка од ваков калибар, тоа би требало да биде недозволиво, сметаат експертите, нагласувајќи дека својата книжевна слава ја достигнала така како што и живеела – скромно и тивко.