Table of Contents
Отворен разговор со Дона Јовановиќ Неделковска за надминувањето на болната траума
Дона Јовановиќ Неделковска, стоматолог и фотографка, ѝ стана позната на пошироката јавност откако ја сподели голготата низ која поминала при нејзиното породување во тетовската болница. Од уредна бременост до вистински хорор, кој резултирал со хистеректомија и психички последици, но Дона продолжува понатаму, посилна од кога било претходно.
Породувањето е чин што секоја мајка со нетрпение го очекува и му се радува, но твоето, за жал, се претворило во хорор. Како се чувствуваш денес по страшното искуство? Имаш ли некакви последици?
Се чувствувам нормално. Човек како човек, ќе помине низ многу искуства, животот е некогаш црн, некогаш бел, ама на нас ни останува само да гледаме напред по секое искуство. Лузните се и физички и психички и тоа што се случи секогаш ќе биде дел од мене. Но тоа е само една етапа. Животот продолжува и сум благодарна што сум тука, на некој начин посилна од претходно.
Тоа што си го доживеала несомнено е трауматично. Што ти даде најмногу сила за да ги надминеш негативните емоции и да продолжиш понатаму? Колку време ти требаше за да го процесираш тоа што ти се случило?
Мислам дека никогаш нема да престанам со процесирање, бидејќи тој настан секогаш ќе биде огромен дел од мене. Животот е постојан циклус кој се врти во круг и некои работи се секогаш свежи во нашата потсвест. Мене лично најмногу ми помогна тоа што гледам на се’ низ призма на хумор. Во овој случај црн хумор, но сепак фактот што отворено можам да зборувам за моето искуство, дури и да правам шеги на своја сметка ми делува терапевтски. Сила се црпи од различни извори. Пред се’ од самите себе, блиските луѓе, природа, религија, уметност и секако стручна помош. Ама на крајот на денот, секој различно и индивидуално ги процесира работите.
Од кого доби најголема помош во најтешките мигови? Ја доби ли очекуваната поддршка од институциите?
Помош добив само од најблиските и индивидуалци кои се понудија да ми излезат во пресрет. До сега, ниту една институција не си ја заврши работата. Оние кои треба да се тука за граѓаните постојат само фиктивно. Целиот процес на разврска и расплет на мојот случај е се’ уште во тек. Не е доцна институциите да се покажат во добро светло. Останува да видиме.
Поврзани објави

Каков е твојот однос кон здравствениот систем моментално? Имаш ли доверба во него?
Не можам да правам генерализација и да кажам дека немам доверба, само врз основа на тоа што ми се случи во Тетовската болница. Истовремено, други доктори ми го спасија животот. Мислам дека единствениот проблем кој здравствениот систем го има е тоа што дозволува вакви и слични катастрофални грешки направени од страна на доктори без емпатија е тоа што им дозволува да поминат неказнето. Секој треба да одговара за своите грешки. А тоа е нешто што во здравствениот систем тука ретко се гледа.
Што би им кажала на оние со слично искуство како твоето? Што би ги советувала?
Општеството често не не’ перцепира нас жените сериозно се’ додека не е доцна. И мене никој не ме слушаше кога им кажував дека чувствував дека нешто не е во ред со моето тело после првата операција. И затоа, мојот главен совет е насочен спрема жените, а тоа е да го слушаме оној наш инстинкт и да бидеме многу погласни и поборбени за нашиот глас да биде слушнат. Да не се потпираме само на мислењата на „експертите”, секогаш да бараме второ и трето мислење. И другиот совет би бил, во процесот на надминување на траумите, се’ е дозволено. Секоја емоција, дури и себичност, ставање на себе и своите потреби на прво место – доколку тоа прави да се чувствуваме подобро, не е погрешно. Затоа што секој сам го носи својот товар. И на крајот на денот, сами треба да бидеме сопствена најголема поддршка и сила.
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА
СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА: „И во најболните периоди се трудев во очите на моите деца да бидам мајка-херој, а не мајка-жртва“
Инспирирано од: www.ubavinaizdravje.mk